еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Македонија од денеска, цела година ќе биде претседавач на ОБСЕ

Македонија од денеска, официјално го започнува претседавањето со ОБСЕ – најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и Азија, информираа од Министерството за надворешни работи.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе претседава со оваа важна мултилатерална организација која работи на сеопфатни аспекти на безбедноста поврзани со политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија. Преку својот уникатен пристап ОБСЕ придонесува кон регионалниот мир, соработка и севкупен развој.

Претседавањето на Македонија со ОБСЕ ќе трае во текот на целата 2023 година. Министерот Османи ќе ја презентира програмата на програмата на македонското претседавање, пред Постојаниот совет на ОБСЕ, во Виена на 12 јануари.

Како што информираат од МНР, под слоганот „За луѓето се работи“ фокусот на македонското претседавање ќе биде ставен врз хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност.

– Во наш фокус, како земја претседавач, ќе бидат теренските мисии. Ќе преземеме и поддржиме конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи, истакнува Османи.

Освен фокусот врз кризните региони, а пред се, воената агресија врз Украина, приоритетите на Македонија како претседавач ќе бидат реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот и довербата, како и инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици. Со ова Македонија се афирмира како активен чинител во генерирање на стабилност во поширок регионален контекст.

Османи посочува дека 2023 година ќе биде важна година за меѓународната позиција на Македонија.

– Зајакнатото меѓународно профилирање значи долгорочен влог во економски развој, нови можности за младите и стабилност. Во услови на војна во регионот на ОБСЕ и сложени политички односи помеѓу земјите учеснички ќе се фокусираме на намалување на тензиите, обновување на довербата, просперитетот и севкупната безбедноста на луѓето.

Северна Македонија досега многу пати го покажала својот капацитет, дека преку политички дијалог, демократски средства и демократско владеење ги остварува своите цели како на домашен, така и на меѓународен план.

Сега имаме можност со таа наша зрелост и знаење да бидеме клучен играч, да ги водиме и да придонесуваме за меѓународните политики и процеси, подвлекува министерот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе ги „попишуваат“ граѓаните без државјанство

Редакција

81,8% од починатите од Ковид-19 во Македонија имале претходни заболувања

Редакција

(Видео) Весели дневни и ноќни забави на дивиот свет од Шар Планина

Редакција