еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

Македонските тинејџери вицешамиони на Европскиот квиз на пари

Во конкуренција на финалисти од дваесет и осум европски земји, претставниците на Македонија, младите велешани Викторија Панова и Марко Инѓилизов, го освоија второто место на финалето на Европскиот квиз на парите што се одржа вчера во Брисел, Белгија.

Првото место го освоија претставниците на Словенија, додека третопласиран е тимот на Германија. Ова е голем успех не само за Панова и Инѓилизов, туку и за Македонската банкарска асоцијација и земјава, афирмирани преку постигнатиот резултат на меѓународното натпреварување кое по вторпат го организира Европската банкарска федерација со цел охрабрување на наставниците и училиштата да ги едуцураат своите ученици од областа на финансиите.

Двајцата ученици на гимназија „Кочо Рацин” од Велес, Панова и Инѓилизов, на европското финале учествуваа како претставници на земјава, откако во март годинава остварија најдобри резултати на националниот натпревар, кој го организираше Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка, Комисијата за хартии од вредност и Министерството за образование и наука.

На националниот натпревар учествуваа околу 300 нивни врсници, откако претходно преку интерните тестирања во училиштата ја поминаа селекцијата од околу 3.000 ученици.

На европско ниво, на Квизот учествуваа над 100.000 ученици на возраст од тринаесет до петнаесет години, од кои околу шеесет беа национални победници и како претставници на своите земји се пласираа на финалето во Брисел.

Покрај претставниците на нашава земја, која е дебитант на ова натпреварување, на финалето на Европскиот квиз на парите годинава настапија и тимови на Австрија, Азербејџан, Албанија, Белгија, Германија, Грција, Естонија, Ирска, Италија, Исланд, Летонија, Литванија, Лихтенштајн, Луксембург, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Србија, Унгарија, Финска, Холандија, Хрватска, Чешка, Шведска и на Шпанија.

За време на натпреварувањето, Европската банкарската федерација организираше одделен едукативен настан за менторите на националните претставници, на кој беа пренесени бројни идеи за финансиско едуцирање на младите во рамки на наставните и воннаставните активности на училиштата во Европа.

На овој настан учествуваа и менторот на Панова и Инѓилизов, професорот Марјан Стојановски и претставничката на Македонската банкарска асоцијација, Оливера Ѓорѓиева.

Нашиот тим, како еден од победниците на Квизот, покрај одликувањето за освоено второ место на европско ниво, од ЕБФ доби и парична награда од 2.000 евра, наменета за велешката гимназија „Кочо Рацин“. Овие средства, училиштето ќе треба да ги искористи за проекти од областа на финансиската едукација по сопствен избор.

Националното натпреварување во рамки на Европскиот квиз на пари е еден од најмасовните настани од натпреварувачко-едукативен карактер наменет за ученици, организиран во земјава изминативе неколку години. Постигнатиот успех на меѓународно ниво ќе биде дополнителен мотив за уште поголем интерес за ова натпреварување во текот на следните години, информираат од Народна банка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владата ќе воведе забрана и посебен режим на движење: Армијата и полицијата излегуваат на улица

Редакција

Убава вест: Почна дислоцирањето на згурата од Црниот рид на велешка Топилница

Редакција

Реџепи од Алтернатива се предомисли поради Левица, го повлекува потписот од „списокот“ на Мицкоски

Редакција