еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Матеј Богдановски направи стрип според повеста „Улица“ од Славко Jаневски: Од мал цртам и смислувам свои стрипови

Уметникот Матеј Богдановски направи стрип според повеста „Улица“ од Славко Јаневски, што претставува освежување за љубителите на оваа деветта уметност.

Во разговор за „еМагазин“ открива како течел процесот на создавање, истражувањето, внесувањето во биографската приказна на авторот. Вистински предизвик за креација, бидејќи од мал почнал да црта и да смислува свои стрипови.

„Тој израз го развивав цело време паралелно со сликарството, всушност, меѓусебно и се хранеа,“ вели Богдановски во интервјуто.

Направивте стрип според повеста „Улица“ од Славко Јаневски, што е вистинско освежување. Како настана идејата за ваквиот начин на уметничко изразување и колку долго траеше процесот на творење?

– Идејата дојде од фондацијата „Славко Јаневски“, поточно од нејзиниот претседател Sвездан Георгиевски, кој ми се јави еден ден и ме праша дали би сакал да работам на стрипување на романот „Улица“. Ја прифатив работата пред се ценејќи го човекот од кого доаѓа поканата.

Книгата не сум ја читал претходно и кога ми ја пратија видов дека е навистина интересна и благодарна да се преточи во стрип, патем ова ми е и прв пат да работам на адаптација на приказна од друг автор во стрип.

Романот е биографска приказна на авторот, значи се одвива во Скопје во триесетите години од минатиот век. Интересно ми беше и истражувањето околу тој период, на архитектурата, костимите, изгледот на одредени места и други детали.

Целиот процес на работа траеше шест месеци, сценариото, цртањето и подготовката за печат, што морам да напоменам дека е кратко време за ваков обем на стрип, но бидејќи го работев со големо задоволство и исполнетост, со малку добра организација успеав да направам нешто со што сум задоволен и горд.

Иако крајниот збор ќе го каже публиката, но сепак, дали сте задоволен од крајниот резултат?
Каква слобода на творење овозможува стрипот, кој пак се дефинира како деветта уметност, и има свои специфики кои се различни отколку кога на пример сликате?

– Стрипот, како и сите други медиуми има свој јазик, елементи со кои работи. Бидејќи е спој помеѓу визуелното и литературното, стрипот овозможува игра со елементите од двете. На пример може да биде исцртан како сакате, да биде во проза или во стихови, разноликост на фонтови, избор на кадрирање… се е дозволено со цел што поинтересно да се раскаже приказната. Ако на крај се спојат добра приказна и интересен визуелен израз, тогаш, што би рекле, тоа е тоа.

Што се однесува до стрипот и сликарството, тие два медиуми, иако се блиски и позајмуваат одредени елементи едно од други, сепак имаат свои особености кои ги прават различни и со различни можности за комуникација со публиката.

За да бидам појасен, стрипот е секогаш наративен, приказната е примарна, додека во сликата не мора да има никаква нарација. Сликата е визуелно доживување сама за себе.

Љубителите на стриповите се залагаат тој да биде дел од наставните содржини во училиштата, барем факултативно. Дали преку него, одредени литературни содржини може да им се доближат на младите на еден интересен начин?

– Стрипот би требало да се изучува во училиштата не само како медиум кој ќе ја доближи литературата до младите туку како медиум со свои одредени карактеристики свој јазик. Тој ги поврзува и визуелното и литературното така да не знам дали најдобро би било да се изучува на часовите по ликовно, македонски или да биде посебен предмет.

Би можело тоа да биде и во основното училиште со стриповите за помлада возраст и во средно со по артистичките изданија. Мислам дека влегувањето на стрипот во школскииот курикулум би било голем бенефит за образованието на младите, можност тие да се запознаат со една голема и битна суб култура.

Лично, дали сте љубител на стрипови?

– Секако, и тоа од многу рана возраст, а од мал и почнав да цртам и смислувам свои стрипови. Тој израз го развивав цело време паралелно со сликарството, всушност, меѓусебно и се хранеа.

Дали стрипот е во продажба?

– Стрипот за сега го има во книжарницата за стрипови Бункер, се надевам брзо ќе го има и во други книжарници.

И едно клише прашање, ама е од есенцијално значење за уметникот, а тоа е инспирацијата. Каде ја пронаоѓате?

-Ова прашање не е едноставно да се одговори. Инспирацијата може да дојде од повеќе страни. Некогаш може да биде моментална, како некое откровение, да дојде неповикана, но многу почесто до нови идеи доаѓам од самата работа. Работата на едно дело ме носи до инспирација за друго. Секако инспиративно може да биде и контакт со уметноста на други автори, а денес е тоа многу лесно со социјалните мрежи, јутјуб…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кој е Максим Димитриевски, старо-новиот градоначалник на Куманово

Редакција

ЈП за државни патишта склучи договор со Гранит за непредвидени работи на патот Неготино-Демир Капија

Редакција

Нова партија во албанскиот блок: Основана Демократско движење на Меџити

Редакција