Книгоиздателството „Матица македонска“ отвори книжарница – галерија, која се наоѓа спроти плоштадот ВМРО во Скопје, информираат од таму.
„Во добро конципираниот салон, љубителите на книгата и уметноста ќе имаат можност да се информираат за најзначајните лектирни изданија за основно и средно образование, како и за најновите дела на познати македонски и светски писатели.
Посебно место заземаат изданијата објавени на македонски и на англиски јазик за македонската историја и фолклор, за народните носии, везови и накит, потоа за македонските манастири и цркви, за познатите резбарски центри и соборни храмови, како и монографски книги за Македонија, Скопје и Старата скопска чаршија, Охрид, Свети Наум Охридски, Курбиново и др.
За љубителите на уметноста достапни се дела на познатите македонски сликари: Ордан Петлевски, Васко Ташковски, Глигор Чемерски, Коле Манев, Павле Кузмановски, Иван Велков, Стефан Хаџи Николов, Владо Георгиевски, Решат Амети, Симон Шемов, Драги Хаџи Николов-Аџи, Ниче Василев, Миле Корубин, Драган Аврамовски-Гуте и др“, се вели во соопштението.