Управата за хидрометоролошки работи (УХМР) за денеска најавува пообилни врнежи во источните делови од земјата, особено на југоистокот каде локално дождот ќе биде пороен, проследен со засилен југоисточен ветер и појава на грмежи.
Се очекува да наврнат и над 20 литри на метар квадратен.
Попладне на места ќе има засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде од 5 до 13степени.
Според УХМР, на планините во северозападните делови ќе врне снег и снежната покривка ќе се зголеми.
Во Скопје до крајот на денот ќе биде облачно со повремен дожд, а во вечерните часови врнежите ќе престанат. Попладне ќе дува и умерен југоисточен ветер.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно и релативно топло време со сончеви периоди и со умерен до засилен јужен ветер, а во крајните западни делови ќе има услови за повремени слаби врнежи.
Во среда кон крајот на денот и во четврток претпладне врнежи од дожд ќе има на повеќе места.
За време на Новогодишната ноќ се очекува суво и претежно ведро време, во западните делови со мала до умерена облачност.
Фото: Град Скопје