еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

Министерот Бујар Османи со писма до колегите во ЕУ и до 50 европратеници бара почеток на преговорите на јунскиот самит

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, како дел од засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на земјава, испрати писма до повеќе политички центри во рамките на ЕУ: министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, претседателите на политичките групи во Европскиот парламент, членовите на Комисијата за надворешна политика-АФЕТ, до пратениците од ЕП, кои се дел од неформалната група на пријатели на Северна Македонија, како и до други претставници на институциите на ЕУ.

Како што соопшти МНР, целта на писмата е во насока Европскиот Совет во јуни конечно да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март, минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.

„Оваа година се одбележуваат 20 години од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Северна Македонија и ЕУ и 16 години откако го добивме статусот на земја кандидат.

Историската  одлука од март минатата година, ЕУ да ги отвори преговорите за пристапување на Северна Македонија дојде како резултат на значајните достигнувања во реформите и храбрите одлуки што раководството и граѓаните на Северна Македонија ги донесоа како потврда на стратешката насока што ја избравме.

Историскиот Договор од Преспа со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија беа главната одредница и иницијална каписла што ги отвори вратите за европската иднина на Северна Македонија, но истовремено дадоа поттик и за сите земји од Западен Балкан“, наведува Османи во писмата.

Понатаму, се вели дека  усвојувањето на Преговарачката рамка и свикувањето на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија стана силна симболична точка кон која се вперени сите погледи на нашите граѓани и целиот регион, што ги издигнува до ниво на тест  на кредибилитетот на ЕУ во однос на целиот Западен Балкан.

„Затоа, започнувањето на овој реформски фокусиран, методичен и навидум технички процес ќе испрати силен охрабрувачки сигнал до нашето општество и низ целиот регион, истовремено зачувувајќи ја строгата условеност воведена со новата методологија, која воведува посилен политички надзор од страна на земјите членки и реверзибилност на процесот“, пишува во писмото.

Шефот на дипломатијата, се наведува, во периодов настапува со засилен ангажман и интензивна динамика која се огледува не само преку бројните посети низ главните метрополи на Европската унија, туку и преку други бројни иницијативи, користејќи ги сите можности за презентација на нашата приказна.

„Османи има јасна цел: Европскиот Совет во јуни конечно да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција. Писмата испратени се надополнуваат во дипломатската офанзива на министерот Османи“, стои во соопштението од МНР.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Итна помош од 80 милиони евра од ЕУ за Македонија за справување со енергетската криза 

Редакција

Не може условите за влез во ЕУ да не бидат европски, рече Димитров на меѓународниот Сими симпозиум во Грција

Редакција

Војната во Украина го направи процесот на проширување на ЕУ политички, рече Лајчак на „Преспа форум за дијалог“

Редакција