Државниот завод за ревизија (ДЗР) со извршената ревизија во Министерството за култура за работењето во 2019 година констатира дека во Министерството започнувајќи од 2009 година се отпочнати 11 капитални проекти за печатење на книги, од кои дел се уште во тек.
„Заклучно со 2019 година на залиха се чуваат 599.086 книги, кои не се дистрибуирани до крајните корисници, а се потрошени средства во износ од приближно 379 милиони денари (6,1 милиони евра)“, велат од ДЗР.
Ревизорите во објавениот конечен ревизорски извештај констатираат дека капиталните трансфери до единиците за локална самоуправа не се извршени согласно законските одредби, односно на една општина не и се исплатени средства за проект иако е доставена потребната документација, додека на друга општина се исплатени средства без доставена потребна документација за проект кој реално не може да се реализира до крајот на годината.
„Министерството за култура нема донесено годишен план за остварување на националниот интерес во културата, за утврдување на општите насоки за остварување на националниот интерес. Министерството за култура има исплатено 406 милиони денари за финансирање на дејности од областа на културата на корисници избрани на годишниот конкурс, без донесени интерни акти со дефинирани услови и критериуми за начинот на доделување на финансиски средства за проекти од национален интерес од областа на културата за 2019 година“, велат од ДЗР.
Во ревизорскиот извештај дополнително се констатирани повеќе неправилности за доделување на финансиски средства за проекти од национален интерес од областа на културата за поодделни дејности.
„Не е предвиден посебен конкурс/пријава за културно уметнички манифестации и за истите не се дефинирани посебни критериуми за оценка на манифестациите. Најголемиот дел од трошоците за финансираните проекти се исплатени како хонорари за организаторите на настаните.
За некои дејности не се почитува предвидениот рок за доставување на извештај со предлог проекти за избор од страна на комисија формирана од министерот.
Исплатени се средства за проекти со некомплетна документација, без доставен извештај за реализација на проектот, како и исплата на средства во готово во износи кој го надминуваат законски дозволениот лимит“, велат од ДЗР.
Ревизорите утврдиле дека Министерството за култура нема извршено попис на средствата и изворите на средствата согласно законските и подзаконските акти, поради што не е усогласена сметководствената со фактичката состојба.
Исто така, во делот на ревизорскиот извештај кој се однесува на Нагласување на прашања за неизвесност и континуитет, обелоденети се состојби кои можат да предизвикаат идни финансиски импликации.
„Во декември 2018 година, со заклучок од Владата на РСМ, дадени се насоки за Министерството да пристапи кон спогодбено раскинување на договорот за јавна набавка за изведување на градежните работи за НУ Драмски театар Скопје, од причина што овој објект не претставува стратешки приоритет на Владата на РСМ и за истиот не се обезбедени потребните финансиските средства.
Министерството за култура како инвеститор за изградба на објект со Скулптурална композиција во Скопје, во 2015 година склучил договор за јавна набавка за изградба на објектот во вредност од 342 милиони денари, со рок на изградба од 18 месеци и договор за вршење на стручен надзор во износ од 528 илјади денари.
Од август 2017 година прекинати се сите градежни активности од страна на изведувачот. Во јануари 2019 година, Владата на РСМ со заклучок го задолжува Министерство за култура да спроведе постапка за пренамена на овој објект и да распише јавен конкурс за идејно решение“, укажуваат од ДЗР.
Во делот на останати прашања ревизијата констатира дека е извршено исплата на плати на вработените во културата со зголемување на коефициентите и промена на основицата со кое се врши покачување на исплата на плата, а притоа за истото не е извршена измена и дополнување на Законот за исплата на плати во РСМ.