По објавата на првата збирка „Додека Данте спие“ на писателката Силвија Митевска се подготвува објавата на втората збирка „Шепотот на Данте“. Повторно Данте, бидejќи Данте е нејзиниот син, и книгите се пишувани додека тој спиел односно растел.
„ Ги одбрав овие наслови за да ме потсетуваат на времето кога тие се создадени. Љубовта кон пишувањето во мене беше присутна долго време, уште од средношколски денови, но поради динамичната работа немав доволно време за да се посветам на пишувањето. Откако се роди Данте и работните обврски стивнаа, одеднаш имав време кое знаев дека е совршен момент конечно да седнам и да ги расплетам приказните кои подолго време ги носев во себе“ вели Митевска во интервју за „еМагазин.“
Промоцијата е закажана за 28 мај, како е замислено ова убаво културно случување?
-Промоцијата ќе се случи на 28 ми мај во МКЦ клуб ресторанот и на мое големо задоволство промоторки се Елизабета Баковска и Калина Малеска, докажани писателки и пред се жени со харизма и сличен сензибилитет на мојот. Секако, присутни ќе бидат и Ненад и Игор од матичната куќа Или-Или, и по обраќањето на промоторките ќе се читаат и извадоци од расказите.
Да не заборавиме дека најважни се гостите односно читателите затоа што книгата постои за да биде читана, прераскажувана, „отпакувана“. Токму како што има изјавено Чарлс Елио- „Книгите се најтивките и најконзистентни од сите пријатели; тие се најпристапни и најмудри од сите советници и најтрпеливи од сите учители“. Јас би додала дека читањето на книги инспирира, поттикнува на креативност и оттаму книгата треба да царува во секој дом.
Културата на читање се менува, па така читателите се повеќе се ориентираат и кон домашни автори, кои за среќа ги има се повеќе. Како вие сте задоволни од прифаќањето од публиката и продажбата на првата збирка раскази?
-Ние имаме навистина многу добри автори. Особено помладата генерација на автори, кои се автентични, пишуваат за возбудливи теми и речиси секој читател може да се препознае во нивните приказни. Мојата прва книга „Додека Данте спие“ е објавена во 2015 година но е напишана неколку години претходно.
Кога конечно ја објавив ми олесна, како да ми падна камен од срце, затоа што не беше сокриена во фиока, туку достапна за сите. Чувството кога ја здогледав на полицата на Или-Или, до останатите книги од македонски автори, беше преубаво. Пораката до сите ваши следбеници е-читајте Македонски автори!
Книгата е преведена на италијански, а воедно вие сте добитник на специјалната награда Slow food Tera Madre“ на дванаесетото издание на националниот конкурс „Мајчин јазик“ во Италија, со „Сонот на Лучија“. Поврзаноста со Италија е случајна или не?
-Мојот сопруг е Италијанец, јас го говорам италијанскиот јазик и можев да конкурирам на националниот конкурс за раскази минатата година во Италија. На мое огромно задоволство но и изненадување, минатиот мај директорката на фестивалот ми се јави на телефон за да ми соопшти дека расказот „Сонот на Лучиа“ добил специјална награда и дека ќе ми биде врачена на интернационалниот саем за книга кој се одржува во Торино.
„Сонот на Лучиа“ говори за животот на малото девојче кое е родено во Македонија но инспирирана од книгите за италијанската култура и италијанскиот раскош,иако никогаш не била во Италија, живее еден вид на пресликан живот во Италија. Расказот говори за таа вечна потрага по живот надвор од Македонија, за жал се уште присутен и кај младите генерации.
Мојата прва книга „Додека Данте спие“ е преведена на италијански јазик и објавена во соработка со издавачката куќа „Беса Саленто“. Конкурирав на распишаниот конкурс при Министерство за култура и после сите предизвици од административна природа, книгата беше поддржана за превод.
Дали ви значат нешто наградите и дали се поттик за творење?
-Наградата на националниот конкурс во Италија ми беше прва и многу значајна затоа што помогна објавената книга „Додека Данте спие“ на италијански јазик (Mentre Dante dorme) да биде промовирана на интернационалниот Саем за книга, за со тоа да поттикне заинтересираност кај читателите. Секоја награда е значајна и за писателот но и за книгата затоа што таа на еден непретенциозен начин се промовира и се доближува до читателите.
Освен што сте писателка, воедно сте вљубеник во спортот, би рекла повеќе адреналински спортови. Иако навидум овие две работи не се споиви, сепак би рекла заеднички именител им е слободата на духот. Што претставува и едното и другото за вас?
-Спортот и пишувањето се подеднакво важни и присутни во мојот живот. Не би била јас ако не спортувам или ако затајам со пишувањето. Спортот ме челичи, ми дава енергија и сила да го извлечам максимумот од денот, а пишувањето ме релаксира и истовремено ми го јакне умот. Спортот и пишувањето за мене се совршената терапија.
Какви се вашите обврски во ТАКТ како претседателка?
-ТАКТ е организација која го користи спортот како алатка за зајакнување на девојките и унапредување на родовата еднаквост во спортот. Како поранешна спортистка која повеќе пати се има соочено со дискриминаторски однос и нееднаков третман во спортот, се залагам за еднакви можности на жените и мажите во спортот.
Досега имаме реализирано различни проекти на оваа тема, се со цел, да инспирираме и мотивираме поголем број на девојки и жени да се бават со спорт и да се вклучат во спортскиот сектор. Би сакала еден ден да видам еднаков број на жени на раководни позиции во спортски институции, еднаков број на судијки и судии на спортски терени, еднаков број на делегатки и делегати, претседателки, спортски новинарки и секако еднаква распределба на финасии помеѓу женски и машки тимови.
Нашиот фокус во работата е постигнување на еднаквост и рамноправност и градење на инклузивно општество преку спорт.