еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

На 82-годишен пациент со Алцхајмер не му даваат 4.711 денари за нега од друго лице, му рекле можеш сам

На осумдесет и двегодишниот Добре Лазевски од Скопје, кому му е дијагностицирана деменција со Алцхајмер, како и Алцхајмерова болест во напредната фаза, не му е потребна нега и може сам да се грижи за себе, објави МКД.mk.

Ваква одлука донела Комисијата на јавната установа Меѓуопштински центар за социјални работи Скопје-Карпош, која му ја укинала помошта од 4.711 денари.

Овие пари болниот скопјанец ги земал како надомест за помош и нега од друго лице, а за него се грижи неговата сопруга. Но, иако болеста на Лазески прогресира, тој тешко се движи, не може да зборува, не ги познава блиските, не може сам да јаде, му треба помош при вршење на физиолошките потреби и за сето ова семејството поседува уредна медицинска документација, сепак Комисијата проценила дека пациентот не го остварува правото на надоместок и дека може сам да се грижи за себе.

За семејството на Лазевски оваа одлука е апсурдна и тие денес поднесоа жалба на ваквото Решение до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје-Карпош.

Месечната сума од 4.711 денари овој човек ја земал во период од околу пет години, а семејството вели дека болеста не се повлекува, туку прогресира. Тие прашуваат како може за пациент со ваква дијагноза да се процени дека може сам да се грижи за себе.

Согласно со член 52 од Законот за социјална заштита, министерот за здравство со решение формира комисија за подготвување наод, оцена и мислење, во постапката по изјавена жалба против првостепено решение со кое е одлучено за правото на помош и нега од друго лице.

„Не можам да сфатам човек со таква дијагноза, на кого фатен му е центарот за говор, тешко оди, да го транспортираме треба да се ангажираме повеќе лица… ми велат дека сам може да се грижи за себе.

Документи се носат на неколку месеци, а за тоа ние го носиме од едно на друго место за пак да собереме документација. Татко ми ги исполнува условите да дојде комисија дома и да го прегледа, а тие згора на сѐ, уште велат дека сам за себе може да се грижи и му го укинуваат и тој надомест што го зема, а за него се грижи мајка ми”, вели Весна Цветиновска, ќерката на пациентот кого Комисијата го одбила.

Семејството на Лазевски до редакцијата на МКД.мк доставило документи во кои ја има дијагнозата на пациентот, како и решенијата од истиот центар што со години одлучува дека човекот според дијагностицираните болести, има потреба од грижа од друго лице, како и новото решение во кое, истиот овој здравствен центар вели дека Лазевски сега може сам да се грижи за себе.

Во Решението за одбивање на барањето за остварување на правото на надоместок за помош и нега на друго лице стои дека „со приложената документација, а врз основа на наод, оценката и мислењето за потребата од помош и нега од друго лице на Стручната комисија од 20.10.2022 година утврди дека именуваното лице нема потреба од помош и нега од друго лице, односно не ги исполнува условите од Законот за заштита, член 48, 49, 50, 51, 52, 53, 54, 261 и 272″.

Според претходното Решение донесено на 6 мај, 2022 година, Добре Лазевски има право да оствари надомест за помош и нега на друго лице и барањето му е оправдано, бидејќи ги исполнува истите членови од Законот за заштита. Но, неколку месеци подоцна Меѓуопштинскиот центар прави проценка дека пациентот со тип на болест што го зафаќа мозокот и центрите во мозокот, може сам да се грижи за себе.

Согласно со Законот за социјална заштита право на надоместок за помош и нега од друго лице има лице со навршени 26 години возраст, со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги врши основните активности од секојдневниот живот доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

Висината на надоместокот за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице.

Потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење ја утврдуваат стручни комисии формирани во јавни здравствени установи во состав од тројца доктори специјалисти или супспецијалисти од следниве области: интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија.

Деменцијата е предизвикана од оштетување на мозочните клетки, а бидејќи Алцхајмеровата болест е болест што го уништува мозокот, таа е една од најчестите причини за деменција. Тоа значи постепено изумирање на нервните клетки и атрофија на мозокот.

Деменцијата најмногу се манифестира преку потешкотии и промени во однесувањето. Во понатамошните фази од болеста се јавуваат и промени во емоциите, говорот, расположението, мотивацијата, временска и просторна дезориентираност, неможност за самостојно донесување одлуки, потешкотии во извршните моторни функции, промени во социјалниот домен, сè до потешкотии со контролирано извршување на биолошките функции.

Симптомите обично се развиваат полека, но со текот на времето состојбата се влошува до тој степен што настануваат проблеми во секојдневното функционирање на лицето, неможност самото да се грижи за себе.

Но, сепак, Комисијата смета дека Лазаревски може сам да се грижи за себе и му ја укинува сумата од 4.711, која месечно ја земал неколку години, и која, како што велат семејството и лекарските документи, му е оправдана и потребна.

По жалбата што вчера ја поднесе семејството треба да одлучи второстепена комисија, а таа се праќа и до Министерството за труд и социјална политика.

Голем дел од повозрасните лица што исчезнуваат во државава се болни од Алцхајмерова болест и најчесто излегуваат од дома кога нема кој да се грижи за нив или се сами.

Овој пациент, кој ја има истата болест, според првостепената комисија може сам да се грижи за себе.

Извор/фото: МКД

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Димитров никако да стигне до Букурешт: Авионот од Виена не можел да слета поради магла

Редакција

АХВ: Бесплатно микрочипирање на домашни миленици од 1 септември, потоа постапката ќе чини 800 денари

Редакција

(Галерија) Како во бајка: Како изгледа Охрид новогодишно

Редакција