еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Најголемата ИТ компанија во Македонија се ребрендира: Сеавус е сега Киншифт

Сеавус официјално се ребрендира и ќе работи под името Киншифт (Qinshift), информираат од таму.

Оваа значајна промена е дел од најавената трансформација на технолошкиот столб на KKCG Групацијата, која на почетокот на летото објави дека ќе работи под два главни бренда, за да ја утврди својата позиција како меѓународен лидер во областа на информатичката технологија (ИТ).

Компаниите кои се фокусирани на развој на наменски софтвер ќе работат под брендот Киншифт (Qinshift).

Со ова ребрендирање Сеавус се интегрира кон Киншифт, со што како најсилна алка на групацијата дополнително ја зацврсти својата позиција како меѓународна ИТ компанија.

Сеавус како компанија за развој на софтвер и консултантски услуги, беше основана во 1999 година во Малме, Шведска, а со интеграцијата во Киншифт опфати над 1.400 вработени во преку 17 канцеларии и претставништва во 10 земји во светот, како и значајно портфолио на клиенти.

„Да се биде дел од Киншифт е голем предизвик. Ние за овој чекор се подготвувавме повеќе од две години, со што ова е за нас еден природен и очекуван процес. Да потсетам дека експанзијата на Киншифт е доказ за нашата посветеност во развој на иновациите и трендовите во ИТ индустријата и нашето досегашно искуство во успешни деловни софтверски решенија создадени од тимот од над 1.400 ИТ експерти, сите до еден заслужни за тоа каде стигнавме денес и каде ќе ја однесеме компанијата утре.

Денес Киншифт го чинат повеќе од 3.500 професионалци, над 300 клиенти, 28 канцеларии низ светот и вкупен приход од над 200 милиони евра. Убав почеток“, изјави Коча Бошку, досегашниот извршен директор на Сеавус, кој во Киншифт ќе го води и развива бизнис одделот за телекомуникации, медиуми и технологија.

Киншифт е глобална технолошка компанија со силно европско присуство, со експертиза во дизајн на софтвер, комплетни корпоративни решенија, UX и UI дизајн, управувани услуги и иновативни понуди за развој на производи. Киншифт, исто така дава и деловни консултантски услуги.

Компанијата опслужува разновидни клиенти, вклучувајќи големи телекомуникациски и сателитски оператори, финансиски институции, производствени и автомобилски компании, како и организации за мобилност и здравствени услуги, овозможувајќи им да напредуваат во дигиталната ера.

До крајот на годината ќе се ребрендира и интегрира во Киншифт и Stratiteq, компанија специјализирана за анализа на податоци со седиште во Шведска.

Потоа, Cleverlance, чешкиот и словачки лидер во обезбедувањето услуги за дигитализација на бизнисот, како и дел од чешката корпорација Komix, која има силно присуство во автомобилската индустрија.

Интеграцијата ќе биде завршена до крајот на 2024 година со вклучување на Clearcode, светски партнер за развој на софтвер за рекламирање и маркетинг (AdTech & MarTech) и Musala Soft, компанија со седиште во Бугарија која работи со големи клиенти (blue chip companies), информираат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Конфликт за водовод помеѓу мештаните на Синичане и Урвич, полицијата на терен да спречи конфликт

Редакција

Нема да подржиме уставни измени по бугарски диктат не само сега, туку и во иднина, вели Мицкоски

Редакција

Бугарија нема да ги запре испораките на руски гас за Македонија, Грција и Србија

Редакција