еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Најмалку 40 жртви во Израел по нападот на Хамас

Палестинската исламистичка група Хамас уби повеќе од 40 луѓе денеска во ненадеен и најголем напад врз Израел во изминатите години, во кој вооружени напаѓачи упаднаа во израелските градови во момент кога и проектили беа истрелани кон Израел од појасот Газа.

Израел соопшти дека група поддржана од Иран му објавила војна на Израел, а војската потврди дека се бори против милитантите во неколку израелски градови и воени бази во близина на Газа.

„Граѓани на Израел, ние сме во војна“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во видео порака од воениот штаб во Тел Авив.

Најмалку 40 Израелци загинаа во нападот, а повеќе од 700 се ранети, според израелските служби за итни случаи, кои очекуваат бројот на жртвите да се зголеми.

Израелската војска објави дека извршила воздушни напади врз Газа, при што загинале најмалку две лица. Нападот вклучува невидена инфилтрација на неодреден број вооружени членови на Хамас во Израел од Газа и една од најсериозните ескалации во израелско-палестинскиот конфликт во последните години.

Израелски медиуми јавија дека милитантите држат Израелци како заложници во градот Офаким и дека пет палестински милитанти биле убиени во градот Сдерот каде биле запалени куќи. Има вооружени судири меѓу групи палестински борци и безбедносните сили во градовите во јужен Израел.

Шефот на израелската полиција изјави дека на југот на Израел се водат борби на 21 место, што покажува колку се големи размерите на нападите.

Во Газа, луѓето побрзаа да купат залихи во очекување на денови на борби. Некои се во засолништа.

Воениот командант на Хамас Мохамед Деиф го најави почетокот на операцијата преку медиумите на Хамас, повикувајќи ги Палестинците насекаде да се борат.

„Ова е денот на најголемата битка за ставање крај на последната окупација на земјата“, рече тој, додавајќи дека биле лансирани повеќе од 5.000 ракети.

Последниот голем конфликт меѓу Израел и Хамас беше десетдневната војна во 2021 година.

Израелскиот министер за одбрана Галант рече дека „трупите се борат против непријателот на секоја локација“ и одобри повикување резервисти.

Израелската војска соопшти дека нејзините сили дејствуваат во Газа, но не наведе детали.

Израелските медиуми објавија дека вооружени лица отвориле оган врз минувачите во градот Сдерот, во јужен Израел, а снимките кои кружат на социјалните мрежи покажуваат судири на улиците на градот, како и вооружени мажи во џипови.

Ескалацијата дојде во време на растечко насилство меѓу Израел и палестинските милитанти на Западниот Брег, кој заедно со Појасот Газа е дел од териториите каде Палестинците долго време се обидуваат да основаат држава. Истовремено, Израел е потресен од политички поделби поради владините судски реформи, а Вашингтон работи на нормализирање на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија.

Либанската шиитска милитантна група Хезболах, која е поддржана од Иран, рече дека операцијата е „одлучен одговор на континуираната израелска окупација и порака до оние кои бараат нормализација на односите со Израел“.

Медиумите на Хамас објавија видео снимки на кои, како што велат, прикажуваат тела на израелски војници транспортирани во Газа и снимки од палестински вооружени лица во израелските домови, како и движење на членови на Хамас со џипови во израелски град. Засега нема потрвда за видеата од западни медиуми.

Палестинските медиуми објавија и дека Хамас заробил повеќе Израелци, а медиумите на Хамас објавија видео на кое се гледа уништен израелски тенк.

Жителите на Газа известуваат дека вооружени судири се водат долж оградата што го дели појасот Газа од Израел во близина на јужниот град Кан Јунис, а забележале и значителни движења на вооружени лица.

Израелската служба за итни случаи соопшти дека екипи биле испратени во области во јужен Израел во близина на Газа и жителите биле предупредени да останат во своите домови.

Палестинската група Исламски џихад соопшти дека нејзините борци му се придружиле на Хамас во нападот.

„Ние сме дел од оваа битка, нашите борци се рамо до рамо со своите браќа во бригадите Касам додека не се постигне победа“, објави на Телеграм портпаролот на вооруженото крило на Исламскиот џихад, Абу Хамза.

Исламски џихад објави и дека заробил неколку израелски војници.

Нападот се случи еден ден откако Израел ја одбележа 50-годишнината од војната во Јом Кипур во 1973 година, кога земјата ненадејно беше нападната од Сирија и Египет.

Нападот на Хамас врз Израел е колосален неуспех на израелското разузнавање, изјави експертот на Би-Би-Си за безбедност, Френк Гарднер. Израел има една од најобемните и најсофистицираните разузнавачки мрежи на Блискиот Исток, и домашни и странски. Тој има доушници инфилтрирани во милитантни групи не само на палестинските територии туку и во Либан, Сирија и на други места.

Во минатото, тие можеа да убиваат водачи на милитантите со прецизни напади користејќи беспилотни летала или дури и мобилни телефони со експлозив. Меѓутоа, со овој напад на Хамас на крајот на еврејскиот празник, Израел се чини дека е фатен на спиење. Нема сомнеж дека Израел ќе возврати со голема сила, но Израелците сега ќе се чудат зошто нивните шпиони не знаеле дека се подготвува напад и не ја предупредиле земјата за тоа, заклучува Би-Би-Си.

Европската унија со голема загриженост ги следи вестите кои доаѓаат од Израел и недвосмислено ги осудува нападите на Хамас, соопшти денеска високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

„Ова страшно насилство мора веднаш да престане. Тероризмот и насилството не решаваат ништо. ЕУ изразува солидарност со Израел во овие тешки времиња“, напиша Борел на платформата Х (Твитер).

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа изјави дека САД „недвосмислено ги осудуваат“ нападите на палестинската исламистичка група Хамас врз израелските цивили.

Тој додаде дека САД цврсто стојат со владата и народот на Израел.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Израел е во војна, изјави премиерот Нетанјаху

МИА/Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ограничени цените за огревно дрво и пелети

Редакција

Идентитетот на гласачот задолжително ќе се проверува со отпечаток од прст: Како ќе изгледа тоа?

Редакција

„Аирлија нов бегалец„: Твитер реакции за одлуката Катица Јанева да оди во домашен притвор

Редакција