еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

На Плаошник најгласно одекнува вистината за потеклото на нашиот македонски јазик, писменост и идентитет, рече Ковачевски

Избравме годинава да го чествуваме 24 мај овде на Плаошник, местото каде е основан и дејствувал Првиот словенски универзитет, затоа што тука најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик, на нашата македонска писменост и култура, а со тоа и на нашиот македонски идентитет, рече премиерот Димитар Ковачевски, на централната свеченост на Плаошник по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.

-Токму на оваа македонска почва светите Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста од која што натаму се развива и современата македонска писменост. Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилметодиевското и црковнословенското наследство, суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на мојот, на нашиот македонскиот народ, рече Ковачевски во обраќањето.

Тој наведе дека одејќи по стапките на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, токму овде во Охрид, ја развил Охридската книжевна школа. Тоа е првиот словенски универзитет во тоа време и тој прераснува во еден од најголемите и највлијателните културни центри од каде се шири словенската писменост.

-Ракописи од Охридската школа денес се наоѓаат во речиси сите позначајни светски библиотеки и установи. Еден од наследнитеците на Климент, еден од најголемите борци за признавањето на македонскиот јазик, Крсте Петков Мисирков, вели, „за среќа има македонска национална култура и историја и тоа е факт кој го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во негова борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи.

И јас сум убеден дека и Климент Охридски, еден од учениците на браќата Кирил и Методиј, и нивните наследници – Мисирков, Конески, како и Јаневски, Андреевски, Шопов, Рацин денес би биле подеднакво горди со сите нас. Затоа што, како што вели еден од нашите најзначајни современи дејци Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик – јазикот е нашата целокупна татковина, подвлече премиерот Ковачевски.

Но, нагласува тој, Конески предупредува и дека од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не, а ние нашата јазична средина ја заштитивме преку тешки државнички, храбри одлуки, како што доликува на една одговорна Влада која го цени своето богато културно и историско минато.

-Со овие одлуки најпнапред ги осигуравме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа го заштитивме македонскиот јазик и идентитет преку почетокот на преговорите со ЕУ минатата година. Силно сме посветени да го изодиме овој европски пат, да се осигураме дека европскиот квалитет на живот ќе го имаме и тука дома.

Посветени сме да дадеме глас за Европа за да обезбедиме услови младите, луѓето, да живеат, учат, работат во својата родна земја. Да има кој да говори, пишува и создава на мајчиниот македонски јазик, денес и засекогаш во иднина, рече меѓу другото премиерот Ковачевски.

Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, денеска се одбележува во земјава со повеќе настани под мотото „Писмото е нашиот универзум“.

Денеска, претходно, во хотел „Инекс Олгица“ се одржа панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет” на која воведен збор имаше премиерот Ковачевски, по што беше положено цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј на плоштадот во Охрид.

Чествувањата на сесловенските просветители почнаа вчера со свечена академија во Филхармонија и концерт во црквата Св.Софија во Охрид.

Светите браќа кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи, а поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Во Штип откриен споменик на Свети Кирил и Методиј

Мицкоски: Нема лева или десна, постои само една Македонија

Зошто ги славиме Свети Кирил и Методиј

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од Ковид-19 починаа 24 лица

Редакција

По укажаната лекарска помош Боки 13 вратен во „Шутка“

Редакција

Зголемување за 1,6 пати: За една недела 6.768 нови случаи на Ковид-19

Редакција