еМагазин
Image default
Македонија

На судењето за „организаторите на 27 април“ сведочеше поранешниот градоначалник на Бутел, Петре Латиновски

Со сослушување сведоци на одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за организаторите на случувањата на 27 април 2017 година.

Прв беше сослушан Петре Латиновски, кој рече дека во периодот 2016-2017 година додека бил градоначалник на општина Бутел во рамки на градскиот комитет, како тело, немале никогаш воопшто дискутирано за протестите „За заедничка Македонија”.

Латиновски, категорично негираше дека имал апсолутно некаков контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски за протестите на „За заедничка Македонија”, и рече дека доколку се најде и еден доказ за тоа, би сакал и тој да се најде од другата страна на судницата.

Прашан дали имал организирано вработени од општината за да учествуваат на протестите пред Собранието, Латиновски рече дека такво нешто ниту правел, нити пак имал сознанија за такво нешто.

– Никаков притисок кон ниту еден вработен немам направено, ниту ми паднало нешто такво на памет. Ниту пак сум имал сознанија за такво нешто, рече Латиновски.

Потоа беше сослушан советник и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, кој рече дека никогаш немале разговарано, ниту донесено некаков став во врска со протестите на “За заедничка Македонија”.

Сведокот, исто така, рече дека никогаш немал контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во врска со протестите пред Собранието.

На денешното рочиште се повикани повеќе сведоци, предложени од одбраната на Миле Јанакиески.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Случајот ,,Шпански скали” почна од почеток откако истекоа 90 дена од последното одржано рочиште

Редакција

Досегашните мерки остануваат на сила, одлучи Комисијата за заразни болести

Редакција

Убава вест: Оздравени 156 болни од Ковид-19

Редакција