еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Народна банка донесе одлука за привремено ограничување на исплата на дивиденда на акционерите на банките и на штедилниците

Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на којашто донесе Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките. Оваа одлука се однесува и на штедилниците.

„Како што беше истакнато на седницата, со појавата на пандемијата на Ковид-19, Народната банка донесе повеќе мерки за монетарно олабавување и регулаторна флексибилност, како поддршка на банкарскиот систем и економијата во целина, во услови на криза.

Најновите показатели потврдуваат дека банкарскиот систем успешно ја одржува својата стабилност, при што кредитите и натаму растат, а капиталните позиции на банките се стабилни.

Сепак, неизвесноста од корона-кризата сè уште трае. Поради тоа, со Одлуката донесена на денешната седница, којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза.

Одлуката е од привремен карактер и ќе важи до крајот на оваа година, а Народната банка, најдоцна до 30 септември, повторно ќе ги оцени околностите со пандемијата поради кои е донесена одлуката.

Во зависност од оцената, Народната банка може предвремено да го укине ограничувањето од оваа одлука,“ се вели во соопштението.

Како што беше нагласено на седницата, токму поради неизвесноста којашто сѐ уште постои, се очекува дека банките, како и досега, и натаму претпазливо ќе ги планираат своите капитални потреби и ќе му дадат приоритет на зачувувањето и на натамошното јакнење на капиталните ресурси.

„Ова е од исклучително значење за натамошно зачувување и јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, како и за обезбедување натамошна солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите.

Заради корона-кризата, вакви привремени ограничувања во однос на дивидендите се воведени и во земји од регионот и пошироко,“ се додава во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Тлото не мирува: Нова серија земјотреси во реонот на Битола и Лерин

Редакција

Министерот Сали ќе формира нова Комисија за заразни болести, ги повика докторите Даниловски, Пановски и Марковски да станат членови

Редакција

ОН го осуди насилното задушување на протестите во Иран и формира мисија за истрага

Редакција