Проценетите официјални податоци за домашниот бруто-производ (БДП) за четвртото тримесечје од минатата година покажуваат солиден економски раст од 3,7 %, на годишна основа, кој што е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции.
„Од аспект на структурата на растот, подобрите остварувања главно се објаснуваат со повисокиот раст на личната и јавната потрошувачка во однос на очекувањата од проекциите. Согласно со очекувањата, бруто-инвестициите исто така остварија раст, нешто помал од проектираниот.
Гледано за целата 2018 година, реалниот раст на економијата изнесува 2,7% и е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции од 2,3%.
За првиот квартал на оваа година, во услови на ограничен обем на расположливи податоци, тешко може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата. Сепак, достапните податоци упатуваат на натамошни поволни движења во економијата, при забрзан раст на активноста во индустријата и натамошен раст на прометот во трговијата“, велат од Народна банка.