еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Насмевка на душата

Автор: м-р Тодор Стојчевски

„Она што нема да сакаш да го научиш во еден живот, ќе мора да го научиш за неколку месеци“. Деновиве низ главата ми се врти оваа мисла, мачејќи ме дали ќе биде точна или само е плод на мојот ум. Се уште не сум ги составил сите коцки на мозаикот поради многуте непознати, но досегашните „пазл“ коцкички, барем засега, како да ја потврдуваат нејзината точност.

Научив дека СЛОБОДАТА (на живот, на движење, на говор, на мислење) е најголема вредност. Секако, на мојата скала на вредности. Блиску до моето персонално духовно себе-исполнување. Имам слобода да живеам, но сега, практично ми е ограничена.

Индиректно, ЗА МОЕ ДОБРО, ми е забрането да се движам кога сакам и каде сакам. Индиректно, ЗА МОЕ ДОБРО, ми е забрането да комуницирам со луѓе.

Едноставно, наметнато ми е правило „доколку сакаш да комуницираш, тоа прави го на дистанца“. Популарно наречена, социјална. Верувајте, индиректно, ЗА МОЕ ДОБРО, во периодов и не многу мислам. Или…

По слободата, дознав дека САКАЊЕТО е високо на вредносната скала. Сакајте…  И посакувајте. Различно е. Сакате личности, но посакувате предмети. Сакајте ги најблиските до Вашето срце, без разлика на титуларот што го добиле во општественото опкружување. Сакајте ги и животните, сакајте ја природата, сакајте го УНИВЕРЗУМОТ. Откако ќе бидете СРЕЌНИ со тие што ги сакате, ќе може да посакувате материјални добра.

Не ја заборавајте ДОБРИНАТА. Таа е потребна во вакви „тешки“ моменти. Добро размислете дали вредеше да направите одредени неубави нешта (доколку сте ги направиле). Дали вредеше да се ситите на маката на другиот, дали бевте среќни кога „му умре козата на комшијата“.

Кога ќе ја правите листата на вредности, не ја заборавајте НАСМЕВКАТА. Не онаа на лицето, која можете да ја монтирате. Таа е потребна за ДРУГИТЕ. Едноставно, не ја заборавајте НАСМЕВКАТА НА ВАШАТА ДУША. Токму таа е најважна. Вашата душа да биде среќна, весела, задоволна. Доколку успеете во ова, тогаш, како себе-рефлексија, ќе зрачите позитивно и ќе внесувате свежина и ведрина во вашата околина.

Но, секако, за да го живеете ова, неопходно е да ги имате овие вредности ВО СЕБЕ. Во едно свое предавање, мотивацискиот говорник Жарко Костиќ, ќе ја истакне својата премиса „БИДИ – ПРАВИ – ИМАЈ“.

Овие три, навидум едноставни зборчиња, создаваат голема вистина. Од тоа што имаш во себе (Биди) најмногу ќе биде детерминирано тоа што го Правиш. А доколку не Правиш, се разбира, нема да Имаш. Може, ако сакате, целата реченица да ја свртиме (но само мисловно, никако во реалноста) и да кажеме за да Имаш треба, прво да Бидеш и да Правиш.

Постојат поединци во општеството, но и во светот, кои се обидуваа да направат превреднување на скалата на вредности. Некои кои се обидуваат да покажат дека на врвот на скалата (со жолти среќни бои) не се материјалните вредности.

По ова што го живееме, сите заедно, за жал под притисок, ќе направиме размрдување на скалата на емоции, ќе бидеме повнимателни каде ги вложуваме, за кого ги трошиме нашите секунди во животот, што сакаме да направиме…

И на крајот на текстот, но и на мојата скала на емоции, ќе ги „врамам“ материјалистичките вредности. Оние што, барем досега, беа на приоритетните први места на листата кај многу наши сожители.

Забележувавте дека нивното ЈАС го дефинираа бесните коли, моторот со многу децибели, огромниот „океан“ во кое го распостилаа своето тело, брендот на цигари што го труеше нивното и нашето здравје, називот на алкохолот што течеше низ нивните жили. Секако и овие „вредности“ ја дефинираа личноста, но погрешно.

Сите имате време и можност, во овие мигови, да направите сопствена ЛИСТА НА ВРЕДНОСТИ. Што е важно и што ќе го дефинира вашето живеење. Кои се тие вредности кои ќе го обликуваат вашето ЈАС!? Не заборавајте ја НАСМЕВКАТА НА ДУШАТА и зборот БЛАГОДАРАМ.

Бидете благодарни за тоа што секое утро имате уште еден ден во животот. За тоа што имате можност да кажете ТЕ САКАМ на личноста до Вашето срце. За тоа што имате потенцијал да ја покажете Вашата ДОБРИНА. За тоа што имате слобода да одлучувате, да сакате и да посакувате.

Затоа што…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Наочарите и капчето на Груевски ја фрлија во сенка владината реконструкција на Заев

Редакција

Боки 13: Мила Царовска ја донесе Лилјана Тодоровска, имав подршка и од Заев и Спасовски

Редакција

Заврши истрагата за Боки 13, Јанева и Кичеец за „Рекет“ во делот за Камчев

Редакција