еМагазин
Image default
Интервју

Наташа Марковска: „Збогувањето со фосилните горива“- клуч за решавање на проблемот на климатските промени

Климатските промени, како една од најактуелните теми на денешницата, постојано поттикнува дебати и искажување на мислења, како од највисоките органи во една држава, така и од обичните граѓани.

Наташа Марковска, како научен советник во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) за климатски промени и одржлив развој, го кажа сопственото гледиште за актуелните случувања со климатските промени, во рамките на кампањата #ВоможноЕ, која е во организација на Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP) и Министерството за животна средина и просторно планирање и платформата Климатски Промени (klimatskipromeni.mk).

Наташа учествувала во многу меѓународни и национални проекти поврзани со климатските промени и според неа, ослободувањето од фосилните горива е најважно за решавање на овој проблем.

Големите светски организации, во рамките на нивните институционални механизми, посветуваат се поголемо внимание на планирање и преземање на конкретни мерки и активности насочени кон превенција и намалување на ризиците од несреќи и катастрофи ширум светот. Што Вие како Македонската академија на науките и уметностите имате превземено во однос на тоа?

НМ: Она што ние го правиме е во функција на климатските промени, поточно, во функција на ублажувањето на климатските промени или смалувањето на емисиите на стакленички гасови кои се виновници за климатските промени.

Моделираме, правиме анализи и развиваме сценарија со кои се дефинираат развојни патеки со што помали емисии на стакленички гасови. Со тоа создаваме знаење што служи како основа за креирање на информирани политики и носење на правилни инвестициски одлуки што ќе обезбедат нискојаглероден раст и развој.

Соработката со државните институции, како и другите организации и здруженија компетентни за решавање на проблемите со природните катастрофи и справување со климатските промени се од големо значење. Дали со некоја институција/организација имате заеднички активности и проекти насочени кон справување на тие проблеми и катастрофи?

НМ: Како што реков, нашиот фокус се климатските промени, и особено енергетиката како сектор кој најмногу придонесува за климатските промени, но од друга страна и како сектор кој нуди најголем простор за смалување на емисиите на стакленички гасови.

Заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање дел сме од партнерството „наука-политики“ кое кај нас, како резултат на правилното, и би рекла визионерско разбирање од двете страни, е воспоставено одамна – кога климатските промени почнаа да се актуелизираат како еден од главните проблеми на човештвото, и понатаму се одржува и зајакнува преку изработката на стратегии, планови, студии и други документи во областа на климатските промени.

Тоа партнерство меѓу науката и носителите на политики, се разбира, поддржани од сите релевантни чинители, како и од UNDP, е предуслов за усвојување на амбициозни и сеопфатни климатски политики засновани на знаење. Секако, овде треба да се спомене и нашата соработка со Министерството за економија во стратешкото планирање во енергетиката. Конечниот резултатот е „издржано и мудро интегрирано планирање на енергетиката и климатските промени“.

Климатските промени се еден од најсериозните проблеми со кои се соочува нашата планета. Што според Вас е клучно за успешно справување со климатските промени, кое не бара само заложби на Владата и локалните самоуправи, туку и соработка на сите релевантни чинители, но директно влијае и зависи од постапките на секој граѓанин?

НМ: Одговорот, всушност, е дел од ова прашање. Клучно е, секој, буквално секој, да има развиена свест и одговорност и да презема соодветни акции во сопствениот делокруг и секојдневие.

Исто така, знаеме дека човекот како поединец игра огромна улога во заштитата на природата. Кои се навики за намалување на загадувањето и справувањето со климатките промени ги практикувате Вие како човек и што им препорачувате на луѓето да практикуваат за да придонесат за истото?

НМ: Препорачувам стил на живот и работа кој подразбира ефикасно користење на енергија, материјални ресурси, а и време, како и без(ниско)јаглеродни технологии и практики. Тоа значи – енергетско ефикасни уреди во домаќинствата, навики за штедење на енергија, пешачење и велосипеди, реупотреба и рециклирање, дигитализација, обновливи извори на енергија, топлински пумпи, централизирани системи за греење и ладење…

Што според Вас е клучно за справување и надминување на последиците од климатските промени?

НМ: Најзначајна улога во решавањето на проблемот на климтските промени ќе има „збогувањето“ со фосилните горива. Имаме технологии и знаење за тоа. Можеби некој ќе рече, сепак фосилните горива не заминуваат така лесно.

Да, но, енергетската транзиција веќе се случува со забрзано темпо – употребата на обновливи извори сè повеќе се зголемува, чистите технологии отвораат многу нови можности и за индустријата и за инвеститорите. И сончевата и ветерната енергија стануваат значително поконкурентни. Згора на тоа, опаѓачката побарувачка за нафта и јаглен предизвикана од пандемијата на корона-вирусот доведе до пад на индустријата за фосилните горива и во моментов таа е во борба за преживување.

Со COVID-19 светот доби животна шанса од корен да го смени енергетскиот сектор. Уште едно „ згора на тоа“,  сè повеќе расте свеста дека за фосилната енергија не плаќаме само со пари, туку и со здравје и изгубени животи и уништување на околината. А тоа е најскапо!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Шаќири: Коцкањето и да се забрани целосно, луѓето повторно ќе најдат начин да играат

Редакција

Aндоновски: Предметите од ТМФ ми се признаени на Конкордија во САД

Редакција

Линдон Бериша: Тој беше горд на Ерзана, сега сестра му е горда на него

Силвана Жежова