еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Aндоновски: Предметите од ТМФ ми се признаени на Конкордија во САД

Влатко Андоновски e успешен тренер во женски фудбал во САД и прв студент – гостин на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Живее и работи во Канзас Сити, и целосно е фокусиран на женскиот тим на Kansas City Current.

„По пристигнувањето во САД како играч, мојот првичен фокус беше кариерата на професионален играч. Тренерската кариера беше во позадина, во сенка. Како течеше времето и се одбројуваа фудбалерските денови, почнав проактивно да се подготвувам за следното поглавје во мојот професионален живот,“ вели Андоновски, меѓудругото во интервјуто за еМагазин.

Андоновски, пред две години, бевте студент – гостин на студиската програма Металургија на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, иако своите докторски студии по Лидерство и спортски менаџмент ги реализирате на Универзитетот Конкордија во Чикаго, САД. Како дојде до спојување на овие две институции со, навидум, различни образовни програми и профили?

– Пред 30-тина години, кога бев професионален фудбалер во Македонија, студирав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. По завршување на кариерата со играње фудбал, продолжив со образование во САД. Редовните студии ги завршив во Мисури, магистрирав во Охајо, а докторски студии запишав на Конкордија, Чикаго. Мојата работа значи и многу патување, интерно во САД, но и интернационално.

Во последните две години бев дел од FIFA програмата за менторство на помлади тренери во женски фудбал. На мое задоволство, бев ментор и на Катерина Милеска, селектор на младата женска фудбалска репрезентација. Тоа значи дека има повеќе патувања и престој во Македонија.

Тука се роди идејата да го заокружам моето образование каде што и го почнав, на УКИМ. Зошто го одбрав Технолошко-металуршкиот факултет? Во моментите кога истражував на која институција може да полагам предмети од областа на менаџментот, на сајтот на е-издаваштво на УКИМ видов дека единствен универзитетски учебник издаден од оваа област во последните години е Менаџмент на бизнис комуникација во тим.

Учебникот е јавно достапен на страницата на УКИМ, напишан од професорите на ТМФ, професор д-р Александар Димитров и професор д-р Бети Андоновиќ. Во учебникот имаше многу делови кои се совпаѓаа со мојата студиска програма. Во разговор со овие професори и понатамошните дискусии разбрав дека постои можност да се биде студент –  гостин на ТМФ. И искуството беше фантастично и навистина ми е драго што се одлучив на овој чекор.

Ви беа ли признаени предметите што ги завршивте на ТМФ и како реагираа професорите на Конкордија кога им ја соопштивте оваа идеја за гостување во македонска високо-образовна институција?

Предметите што ги положив на ТМФ, без никаков проблем, беа признаени преку WES системот. Се уште сум во процес да се внесат во официјалниот транскрипт на Конкордија. Полисата на самиот Универзитет е таква да ги охрабрува своите студенти да стекнат академски искуства и од други универзитети. Тоа е една од нивните адути кога се рекламираат, дека без проблем признаваат предмети кон докторската програма се додека бројот не поминува 50% од вкупниот број предмети. И секако, предметите да се комплетирани во акредитирана установа.

Минатата година добивте Признание за исклучителен придонес за македонската заедница во областа на лидерството и застапувањето од страна на Македонија 2025, а признанието лично Ви го врачи претседателот на државата, Стево Пендаровски. Во објаснувањето за доделување на признанието е наведено дека „покажувате исклучителни лидерски способности и се залагате за македонските интереси во светот, односно дека преку професионалниот успех влијаете врз глобалната промоција и афирмација на својата татковина, придонесувајќи за зголемена свест и разбирање за Македонија и нејзиниот народ на меѓународно ниво“. Што ви значи ова признание?

– Пред се, сакам да ја изразам мојата огромна благодарност за доделената награда, која има немерлива вредност за мене. Да се биде истакнат и препознаен на ваков начин, навистина, е привилегија која исполнува и е понизна, во исто време. Да се соедини мојата пасија со оваа дадена чест, разбудува благодарност и е многу мотивирачка. Ме поттикнува да се трудам и понатаму и да работам уште понапорно за да ја претставам нашата држава во извонредно светло и да се доразвивам како лидер на мојот тим.

Како Андоновски ја продолжи кариерата во САД? Има ли потенцијал и можност да се вратите во Македонија и да го „заживеете“ македонскиот женски фудбал?

– Моето патешествие во САД, навистина, е извонредно кога зборуваме за траекторијата на мојата кариера. За почеток, никогаш не можев да замислам да се видам себе си на позицијата на која што сум сега, без разлика што отсекогаш имав животна желба и амбиција да бидам тренер. По пристигнувањето во САД како играч, мојот првичен фокус беше кариерата на професионален играч. Тренерската кариера беше во позадина, во сенка. Како течеше времето и се одбројуваа фудбалерските денови, почнав проактивно да се подготвувам за следното поглавје во мојот професионален живот.

Моето образование го продолжив во областа на менаџментот и лидерството, а паралелно ги положив и сите тренерски испити за да ја зацврствам стручноста на тоа поле. На моја голема среќа, бев опкружен со мрежа луѓе кои ми даваа огромна поддршка, без разлика дали зборуваме за колеги, ментори или пријатели кои ме водеа и охрабруваа на секој чекор на моето патување. Во моментов, мојот дом е Kansas City и мој единствен фокус, во догледна иднина, е женскиот тим на Kansas City Current. Целосно сум посветен на оваа функција во следните пет години и се надевам уште подолго.

Споделете ја со македонските средношколци, со студентите, но и со целокупната македонската јавност, вашата визија за лидерство и „менаџирање“ на образованите процеси во Македонија.

– На прв поглед, лидерството може да се сфати како многу конкретна, праволиниска, задача. Во реалноста тоа не е ниту блиску до вистината. Тоа е една многу детална улога, посебно кога водите различни групи. Разни организации може да имаат иста или слична дефиниција за лидерство (leadership), но внатре во организацијата тоа се отсликува сосема поинаку.

Се зависи од групата која ја водиме, одредени карактеристики добиваат предност и имаме промени во конкретниот опис и вреднување на позицијата лидер. Конкретно во мојот случај, работам со играчи кои доаѓаат од три различни генерации (генерација X, миленијалци и генерација Z), различна култура и различно потекло. Би рекол главна карактеристика на лидерот е приспособливоста.

Други карактеристики од особено значење во мојата функција се емоционалната интелигенција, ефективната комуникација, отпорноста, желбата за континуирано учење и дополнување на знаењето и стратешко размислување. Иако фундаменталната улога на лидерот останува конзистентна, важноста на специфичните карактеристики и особини се менува во зависност од групата која ја предводиме.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Која е разрешената министерка Рашела Мизрахи

Редакција

(Графикон) 44,9 години е просечната возраст на заболените од коронавирусот во Македонија

Редакција

Скопје и Белград ќе инвестираат во железничката инфраструктура на Коридорот 10

Редакција