еМагазин
Image default
Бизнис

НБРМ: Банките „великодушни“ за кредити на граѓаните, „скромни“ за компаниите

Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата петнаесетта седница на која беше разгледан Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија во првиот квартал од 2018 година, при што беше констатирано дека во периодот дојде до значително подобрување на показателите преку кои се следи банкарскиот систем, меѓу другото и како резултат на стабилизацијата на очекувањата во домашното опкружување.

„Во првиот квартал, кој вообичаено има помала сезонска динамика, вкупната актива на банкарскиот систем забележа раст од 3.982.000.000 денари или 0.9%. Овој раст се должеше на поголемата склоност на банките за кредитирање на домаќинствата, во споредба со корпоративното кредитирање коешто се намали што освен на сезонските фактори се должеше и на еднократната наплата на побарувања.

Во април и мај 2018 година, стапката на раст на корпоративните кредити повторно беше позитивна. На годишна основа, заклучно со првиот квартал, останува констатацијата дека растот на кредитите кон домаќинствата е многу посолиден од тој кон корпоративниот сектор, односно 9,8% и 2,6% соодветно, вредности што го следат трендот од претходните години“, соопшти НБРМ.

Со оваа поставеност, изложеноста на кредитниот ризик останува најзначајниот ризик за банкарскиот систем, особено кога ќе се земе предвид дека растот на вкупното кредитирање ја ублажува стапката на раст на нефункционалните кредити.

„Историски најниската и непроменета стапка на нефункционални кредити на домаќинствата од 2,4% меѓу другото се должи и на солидниот раст на кредитите кон овој сектор. Стапката на нефункционалните кредити кон нефинансиските друштва се намали и на крајот од на првиот квартал изнесува изнесува 7,8%. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинставата и нефинансиските друштва се намали за 1,2 процентни поена во првиот квартал од 2018 година и се сведе на 5,1%“, велат од НБРМ.

Во однос на кредитниот ризик, покриеноста на нефункционалните кредити со сопствената исправка на вредност се зголеми и на крајот од третиот квартал изнесува високи 81,4%, при задоволителен обем и квалитет на сопствените средства на банките. Тоа значи дека последиците од евентуална целосна ненаплатливост на овие кредити врз солвентните позиции на банките би останале ограничени.

„Профитабилноста во првиот квартал беше висока. Стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви достигнаа историски највисоки нивоа, од 3,1% и 28%, соодветно, но треба да се напомене дека еднократна наплата на побарувања од страна на повеќе банки е главната причина за овој резултат.

Со изолирање на овој ефект, којшто имаше најголемо влијание врз добивката во првиот квартал од 2018 година, профитабилноста на банкарскиот систем би била вообичаена и би се задржала речиси на исто ниво како во првиот квартал од 2017 година. Распонот помеѓу активните и пасивните каматни стапки продолжи да се намалува“, информира НБРМ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Александар Михајлов купи 171.000 акции во Уготур, 19,74% од основната главнина на компанијата

Редакција

Собранието склучи договор со фабриката Карпош вреден 629,6 илјади евра

Редакција

„Реплек“ ја зголеми добивката

Редакција