еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Не функционираат мерните станици за загадувањето во Гази Баба и Лисиче

Од шест инструменти за мерење на ПМ10 честичките во воздухот во Скопје, во моментов надвор од функција се два, на мерното место во Гази Баба и Лисиче поради технички проблеми. По отстранување на проблемот, во најбрз можен рок тие ќе бидат вклучени во системот, соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Од почетокот на претходната недела, односно од 15 октомври 2018 година до денес на мерните места во Скопје се бележат благи надминувања на среднодневната гранична вредност за ПМ10 од 50 микрограми на метар кубен и била надмината шест дена на мерното место во Центар, седум дена во Карпош, шест дена во Бутел и десет дена кај Ректорат. Од почетокот на оваа недела се бележи тренд на намалување на концентрациите на ПМ10 и среднодневната гранична вредност во текот на вчерашниот ден не е надмината на ниту едно мерно место во Скопје“, се вели во соопштението.

Од МЖСПП потсетуваат дека во Законот за квалитет на амбиентен воздух дефинирани се типовите на плански документи за заштита и подобрување на квалитетот на воздухот. Согласно законот, со цел подобрување на квалитетот на воздухот, МЖСПП досега ги има подготвено Националната програма за постепена редукција на количините на емисии на одредените загадувачки супстанци на ниво на Република Македонија за период од 2012 до 2020 година и Национален план за заштита на квалитетот на амбиентниот за период 2013-2018 година, и двата усвоени од Владата.

„Во процесот на подобрувањето на квалитетот на воздухот значајна е улогата на единиците на локалната самоуправа бидејќи согласно законските прописи тие се задолжени да подговуваат планови за квалитет на воздух во кои се дефинираат мерки за подобрување и заштита на квалитетот на воздухот. Како резултат на активната проектна соработка на МЖСПП со ЕЛС досега се подготвени Планови за подобрување на квалитетот на воздухот за град Скопје (декември 2016 година), општина Битола (април 2012 година) и општина Тетово (април 2017 година).

Истите општини имаат подготвено и краткорочни акциски планови за заштита на воздухот, во кои се дефинирани краткорочни мерки кои треба да се спроведат при надминување на праговите на алармирање на загадувачките супстанци. Плановите се усвоени од страна на советите на општините и градот Скопје“, стои во соопштението.

Од МЖСПП напоменуваат дека проблемот со загадувањето на воздухот е комплексен и оти секоја институција може да делува само во рамки на своите ингеренции. Потсетуваат дека тие се задолжени за донесување законска регулатива, подготовка за национален план за заштита на амбиенталниот воздух во кој се дефинирани мерките за заштита и подобрување на квалитетот на водухот, за мониторинг на квалитетот на амбиентниот водух.

„Ние сме свесни дека овој проблем не се решава преку ноќ, бара интензивна, систематска и планска соработка на сите сектори и на сите нивоа во еден подолг временски период за конечно кога ќе ја отвориме веб страницата и ги видиме показателите на загадување на воздухот од нашите мерни станици да кажеме дека се во ред.

Во дефинирањето на мерките, во рамките на Интерсекторската работна група вложивме многу труд и време, ги анализиравме искуствата од другите европски и светски метрополи и градови и ги прилагодивме на наши услови. Начин за справување со загадувањето секадe во светот е сличен и бара добри урбанистички планови, гасификација, контрола на индустриата, возниот парк, рестрикции на движења на возила, бара воведување алтернативни видови на превоз и посебна инфраструктура, значи бара плански и систематски пристап во решавање на проблемите и се разбира бара време и дополнителни финансии“, се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Австриските крави се збунија: Во август паѓа снег како сред зима

Никола Осило

Увезениот отпад го користела индустријата, а најголем увозник бил „Макстил“, вели Шилегов

Редакција

(ВИДЕО) Огромна направа што плута успешно почна да собира отпад во Пацификот

Редакција