Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, задно со министерот за економија Крешник Бектеши, амбасадорот нa Македонија во Романија, Габриел Атанасов и директорот на Агенцијата за инвестиции и промоција на извоз, Дејан Павлески, во Букурешт ја отворија еднонеделната презентација „Недела на македонски производи“.
Промоцијата на македонски производи ќе трае од 14 до 18 јуни, а повеќе домашни компании од агросекторот и прехранбената индустрија ќе ги презентираат своите брендови, а посетителите ќе имаат можност да ги почувствуваат вкусовите на македонските вина, сирење, кашкавал, ајвар, мед, мармалади и други производи кои се наши познати брендови.
Ова е прв настан од ваков вид, преку спортска дипломатија да се промовираат македонските производи и започнува од Романија, која е една од земјите домаќини на Европското првенство во фудбал ЕУРО 2020.
„Еден од најдобрите начини за промоција на нашата земја е секако спортот и уметноста, но дозволете ми, како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство да истакнам дека има уште еден битен фактор за промоција, а тоа се нашите земјоделско-прехранбени производи. Нашата сончева земја е богато обдарена со поволни климатски услови за земјоделско производство.
Секој кој ја посетил нашата земја и вкусил од македонските домашни производи, знае дека тие имаат изразена комплексност на вкусови и мириси. Затоа, странскиот пазар е отворен кон нас и има голем интерес за нашите земјоделски и прехранбени производи, а ние пак вложуваме во насока на квалитетно и стандардизирано зголемување на количините кои странскиот пазар ги бара од нас“, изјави министерот Хоџа.
Тој дополни дека во последните години извозот на нашите земјоделски производи постојано расте, а тоа е доволен показател за развојот на земјоделскиот сектор и интензивирањето на меѓународната трговија.
Атанасов, изјави дека спортската дипломатија е во чест на нашата фудбалска репрезентација која после триесет години прв пат настапува на Европско фудбалско првенство и дека промоцијата на нашиот фудбалски тим е поддржана и со настанот за промоција на нашата земја како земја со квалитетни земјоделско-прехранбени производи и атрактивна туристичка дестинација.
Фото: Влада