Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска денеска на барање на Обвинителството сведочеше на рочиштето за “Плацеви на Водно”, пренесува Фокус.
Таа од обвинителката Лиле Стефанова беше распрашувана за начинот на кој се финансирала ВМРО-ДПМНЕ, во насока да се докаже тезата на Обвинителството дека поранешниот премиер Никола Груевски парите за плацевите на Водно ги обезбедил од партиската каса.
Јанкулоска истакна дека таа може да зборува за периодот кога таа била генерален секретар на партијата, во периодот од 2004 до 2006 година.
– Партијата во тој период имаше сериозни потешкотии во обезбедување на финансиски средства. За разлика од регулативата која е денес, партиите да се финансираат од буџетски средства, тогаш не беше така. Тогаш се финансираше преку донации, односно на доброволна основа ги даваа физички лица, рече Јанкулоска.
Таа појасни дека дел од донаторите сакале да бидат анонимни.
-Донаторите беа прилично воздржани, бидејќи партијата беше во опозиција, па не сакаа јавно да се знае дека се блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Па се случуваше донаторот да разговара со претседателот на партијата, да ја истакне волјата да донира, па претседателот ги договараше начинот и условите како можат да и помогнат на партијата, рече Јанкулоска.
Таа истакна дека се случувало претседателот (како што го нарекуваше Груевски за време на сведочењето), да ја повика додека е на состанок со некој од донаторите.
-Тогаш ми кажувале дека тој и тој сака толку и толку да донира за партијата. Некогаш донацијата била дадена истиот ден, или се случувало да ги остават парите на претседателот ако не сум била таму.
Регулативата беше полабава. Се водеше неформална евиденција, но на некои им издававме и каса прими. Не беа големи суми, тие се користеа за тековно работење на партијата, за канцелариски материјали, бензин…, рече Јанкулоска.
Обвинителката Стефанова ја праша дали кога парите му ги давале лично на претседателот Никола Груевски, дали таа имала сознанија за висината на донираната сума.
-Јас имав евиденција за сумата која ќе ми се дадеше на мене, за тоа дали се договарала повеќе или помалку, тоа не знам, одговори поранешната министерка.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
И Чинговски сведочеше на судењето за “Плацеви на Водно“
Фото: МВР