еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Нема промена на позицијата на Бугарија во однос на Македонија, вели министерот Стоев по средбата со Вархеји и Силва

Нема промена во позицијата на Бугарија во однос на Република Северна Македонија, порача министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија, Светлан Стоев, по средбата со министерот за надворешни работи на Португалија, Аугушто Сантош Силва, и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, утрово во Софија, јави бугарски БГНЕС, пренесува Мета.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

За Бугарија неприфатлив предлогот: БГНЕС објави детали од решнието за надминување на спорот со Македонија

Захариева не го бендиса предлогот што денеска во Софија и Скопје го носат Силва и Вархеји

„Бугарија продолжува со принципиелноста во поддршката на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, при почитување на критериумот за индивидуалните постигања на секоја земја и запазување на фундаменталните вредности на унијата како добрососедство“, порачал Стоев.

Тој додал дека Бугарија е отворена за одговорен, отворен и квалитетен дијалог со Република Северна Македонија.

„Очекуваме од нашите најблиски соседи во регионот да работиме во духот на искреност и конструктивност. Сакам да потцртам дека во однос на оваа тема има општа согласност и не може да се очекува промена во националната позиција на Бугарија во однос на Северна Македонија“, порачал Стоев, нагласувајќи дека е подготвен да се сретне со својот македонски колега Бујар Османи за да разгледаат иницијативи коишто би можеле да бидат реализирани од техничката влада.

„За нас од клучна важност е и поддршката на добрососедските односи и добивањето на неопходните гаранции за спроведување на Договорот од 2017. Продолжуваме да вложуваме напори за враќање на довербата во односите со Република Северна Македонија.

Нашата цел е со конкретни чекори да го возобновиме дијалогот со Скопје, вклучително на највисоко ниво, што ќе даде основа за идната стандардна влада да ги врати односите на ниво коешто би требало да сврзува две толку блиски држави“, посочи Стоев.

Португалскиот министер за надворешни работи, Аугушто Сантош Силва, пак нагласил дека процесот на проширување на ЕУ е еден од приоритетите на Португалија, велејќи оти се потпира на поддршката на Европската Комисија, со која Лисабон тесно соработува, извести БГНЕС.

Тој нагласи дека станува збор за два процеса во однос на проширувањето: Започнување на меѓувладините конференции со Србија и Црна Гора и одобрување на преговарачката рамка со РСМ и Албанија.

„И за двата процеса беше многу важно да ги слушнеме бугарските предлози, иницијативи и грижи. Ние го правиме тоа преку соодветните дипломатски и политички канали и веќе многу работи се завршени. Затоа сега беше време да направиме директни политички консултации со Бугарија и тие ќе бидат од огромно значење за долготрајниот процес и многу важни за португалското претседателство“, рече Силва.

Еврокомесарот Оливер Вархеји во Софија исто така порача дека е многу важно да се чујат и земјите-членки во однос на темата за проширувањето, нарекувајќи ја Бугарија клучен фактор во тој процес на Балканот.

„Бугарија е водечката земја-членка што се однесува до разивањето на нашата политика за Западен Балкан. Затоа секогаш треба да дојдеме тука за да добиеме идеи и да направиме консултации“, порача Вархеји.

Со Вархеји во Софија се сретнал и поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов. На средбата Борисов порачал дека Европа мора да продолжи да работи активно на темата европска интеграција на Република Северна Македонија и Албанија, имајќи ги предвид позициите на секоја земја.

Поранешниот бугарски премиер посочил дека Бугарија имала клучна улога во враќањето на европската интеграција на Западен Балкан во агендата на Унијата, нагласувајќи дека тоа е гаранција за мир и просперитет на регионот.

Фото: бугарско МНР/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Потребни се 30.000 евра за две операции на Снежана во Систина, која боледува од тумор на хипофиза

Редакција

Во тепачка меѓу две семејства во Струмица убиено 22-годишно момче

Редакција

„Пуцко петрол“ го доби тендерот на ПИОМ за набавка на масло за горење „тежок“ 39.000 евра

Редакција