Во сите три главни индикатори на извештајот, како што се правната рамка за слободата на медиумите, позицијата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите, во 2020 година нема сериозни промени во медиумската сфера, но, има зголемување на трендот на напади, односно состојбата со безбедноста на новинарите и медиумските работници не е подобрена за разлика од минатата 2019 година, туку, напротив, е влошена, покажува извештајот за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен од страна на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Кризата со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 дополнително ја влоши финансиската состојба на медиумите поради намалувањето на приходите од комерцијални реклами.
Во 2020 година, исто така, земјата бележи раст на скалата на Репортери без граници, од вкупно 180 земји беше рангирана на 92-то место, што е за три места повисоко од 2019 година.
Презентирајќи го извештајот, од ЗНМ споделија дека во извештајот за 2020 година се нотира дека новинарските здруженија ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ силно го истакнуваат своето спротивставување на евентуалните измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои би било дозволено рекламирање на јавни институции во медиумите.
– Ставот на ЗНМ е дека платеното политичко огласување во аудиовизуелните медиуми треба да се укине, бидејќи на тој начин се „поткупуваат“ сопствениците на медиумите, се влијае негативно врз уредувачката политика на медиумите, но, исто така, и се „изместува“ рамнотежата на спротивставени гледишта во јавната сфера.
Со цел да се надмине оваа пракса, потребни се интервенции и во Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и во Изборниот законик, кажа Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Во извештајот за 2020 година се нотира и дека реформата на јавниот радиодифузен сервис речиси не е ни започната, а финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер остануваат отворено прашање.
Според статистиката на ЗНМ од почетокот на 2020 година биле забележани вкупно 14 напади и груби закани кон новинари, од кои повеќе од половината се кон новинарки.
– Споредбено, минатата година вакви инциденти имаше само четири, што значи дека оваа година нападите и заканите се трипати побројни.
Во декември 2020 година, Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуди со кои се одбиваат тужбените барања од страна на новинарките Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, кои бараа отштета од државата за повреда на нивните права за време на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27.04.2017 година.
Овие тужби следуваа по претходен повик на ЗНМ со цел обезбедување правна помош за новинарите и медиумските работници, кои беа нападнати или им беше уништена опрема во Собранието за време на тој немил настан. Ваквата пресуда е уште еден доказ дека постојат двојни стандарди за судот кога се во прашање политичарите и новинарите, посочи Чадиковски.
Годишниот извештај кој е изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија можете да го погледнете на следниот линк.
МИА/Фото: МИА