Во јули вкупните депозити бележат месечно зголемување од 1,3%, во услови на раст кај двата сектора, поинтензивен кај корпоративниот сектор, соопшти Народната банка.
Анализирано на годишна основа, во јули продолжува нагорниот тренд на раст на депозитите, кој достигна 11,3%. Овие остварувања се резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.
Кај вкупните депозити на корпоративниот сектор, втор месец по ред е евидентиран месечен раст од 2,3%. Месечниот раст главно произлегува од денарската компонента, односно од зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити во денари. Годишниот депозитен раст од 13,5%, покрај на депозитните пари (кои објаснуваат 58,5% од годишниот раст), се должи и на зголемените краткорочни и долгорочни депозити во странска валута.
Во јули, вкупните депозити на домаќинствата бележат нагорна месечна и годишна промена од 0,6% и 9,0%, соодветно. Анализирано од аспект на валутната структура, месечниот и годишен раст го движи растот и на денарската и на девизната компонента, при малку поизразен придонес на депозитите во денари.