еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Немам доверба во Османи по однос на прашањето со Бугарија, вели Димитров

Вицепремиерот за европски интеграции Никола Димитров, денеска одговарајќи на новинарско прашање, рече дека има луѓе во преговарачкиот процес на кои не им верува, а меѓу нив е и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Да, немам доверба во Османи по однос на прашањето со Бугарија. Имам чувство дека има „драјв“ за успех по секоја цена, што е опасно и непродуктивно. Се надевам дека грешам, но такво чувство имам. Во однос на Владо Бучковски, ќе кажам дека не бевме на иста линија со ставовите”, кажа вицепремиерот.

Запрашан дали тие решенија кои можеби се разговарале и сме биле подготвени да ги направиме со Бугарија биле поврзани со концесии кои се поврзуваат и со етничкиот ентитет на Македонците и дали се плаши дека со неговото отстранување од владата дел од тие решенија се на пат да се спроведат, Димитров вели дека прашањето е деликатно, бидејќи „работата не е завршена“.

– Морам да бидам одговорен и да го штитам процесот, бидејќи работата не е завршена. Така што нема да бидам во овој момент до крај прецизен во одговорот. Кажав јас и во владата ама сега и вон владата ќе бидам пречка за лошо решение.

Едноставно, прашањето е поважно од владата и од оваа и од идната и од таа што ќе дојде по неа и затоа ќе бидам пречка за лошо решение. Во ситуација кога сме на кристално јасни принципи, нашите позиции се сосема логични од 21 век во Европа, во ситуација кога 26 земји членки од 27 на ЕУ целосно ги разбираат нашите позиции и во ситуација кога и за самата Бугарија убеден сум чепкањето во македонскиот идентитет е контрапродуктивно и за македонско-бугарското пријателство и за улогата на Бугарија во регионот и за перцепцијата на Бугарија визави нивните важни партнерства како што се земјите членки на ЕУ или во НАТО, САД, рече Димитров.

Тој нагласи дека ние заштитуваме нешто што е „многу наше“ и не бараме нешто од другиот.

– Кои сме – македонскиот јазик е интимна наша работа и не е предмет на признавање од кого било вклучително и од Бугарија. Ние меѓу другото исто така сме независна држава. Ние не сме провинција на која било друга држава. Ние имаме право и имаме и должност ова чувство и достоинството на народот да го гаиме и да го заштитуваме.

Се извинувам, можеби не бев во првиот дел од вашето прашање до крај прецизен, ама морам да внимавам на процесот и не ми е цел да направам сега некаква турбуленција итн. со идната влада. Меѓутоа, должност ми е кон граѓаните да запалам аларм и да кажам дека според мене има причини и потреба од посебна будност во однос на ова прашање, нагласи Димитров.

Според него, тоа што сега се решил да зборува не е поради суетност, бидејќи станува збор за преважно прашање.

– Некој ќе рече, ме прашавте и претходно зошто сега зборувам. Дали можеби сум лут дека не сум дел од идната влада и дека еве изгубив функција. Меѓутоа, меѓу другото и позицијата амбасадор во Вашингтон е исклучително привлечна функција, една од најпривлечните во која било дипломатија. Знае јавноста дека бев еден од посериозните кандидати и во трката за претседателските избори.

Меѓутоа, немам никаква суета и тоа воопшто денес не ми пречи денес да имам одлични односи со претседателот Пендаровски. Значи, апсолутно не се водам од тоа што се случило со мене. Ама ќе бидам брутално остар и јасен ако слушнам или видам или почувствувам дека работите одат во лош правец. Преважно е прашањето за политички суети, додаде Димитров.

Според него, многу е исклучително важно да се запази принципот во преговорите – дека ништо не е договорено, додека се не е договорено.

Во однос на неговата изјава за тоа дека некои отстапки се подготвуваат за кои тој смета дека од другата страна треба да има чекори, дали тоа ќе го наруши процесот, поточно дали земјата оди во погрешен правец со Бугарија, тој како пример го посочи барањето за краткото име на државата.

– Прашавте конкретно за концесијата. Еве ќе шпекулирам. На пример, едно од прашањата за кое што Бугарија вели дека има проблем иако е нелогичен е тоа што им пречи краткото име. Нели, тие се во ред со Република Северна Македонија, меѓутоа не им е во ред Северна Македонија и бараат од нас да испратиме нота до ОН каде ќе кажеме дека и Северна Македонија и Република Северна Македонија се име на нашиот политички ентитет и не отсликуваат какви било територијални претензии итн.

Тоа е само објаснувачки од нашата прва нота испратено во ОН по Преспанскиот договор и во системот на ОН овие прашања се решени. Ниедна држава ниту има правен основ, ниту може овие потпрашања да ги отвори без наша согласност.

Тоа е едно од прашањата за коишто што се разговара и еден од елементите на решението. Меѓутоа, таа работа е важно да се направи во корелација со поместување и од другата страна. Инаку, ќе биде ослабена реално нашата позиција, смета Димитров.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Димитров: Моите позиции за спорот со Софија причина што нема да бидам дел владата, интересот да ме нема не е само домашен

Владата го разреши Бучковски од позицијата специјален претставник за Бугарија

Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Прекината потрагата по малолетникот кој исчезна во водите на Преспанско Езеро, ќе продолжи рано изутрина

Редакција

Во војната се убиени 262 деца а 467 се повредени, тврди украинскиот Парламент

Редакција

Денеска е големиот христијански празник Прочка: „Прости, и нека ти биде простено“

Редакција