еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Нема договор меѓу синдикатите и Владата за покачување на платите во јавниот сектор

На денешниот Економско-социјален совет не е постигнат договор околу методологијата на плати во јавниот сектор, но како што изјавија претставниците на синдикатите по состанокот, има поместување од страна на Владата и Министерството за финансии во поглед на нивните предлози и забелешки.

Синдикатите денеска доставиле предлог со кој бараат платите на избраните и именуваните лица да се вратат на ниво како пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за работниците, така и за функционерите.

Предлогот на синдикатите е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основен параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор и сите да добијат процентуално зголемување на платите.

– Тоа што ние го предложивме е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор, од најниската категорија на работно место до највисоката, претседател на државата, и сите да добиеме процентуално зголемување на платите, изјави по средбата претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.

Трендафилов вели дека нијанси се во прашање, меѓутоа дека тие нијанси се големи и дека се уште се далеку од договор.

– Прифатлив е моделот од две и пол години за да добиеме методологија како во делот на минималната плата со тоа што ќе имаме просечна плата по коефициент на сложеност по истекот на две години, но како ССМ сметаме дека доколку од септември се случи тоа, да почне примената на Општиот колективен договор за јавен сектор, функционерските плати треба да се вратат на нивото пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за нив, така и за работниците, рече Трендафилов.

Решението што ќе се вклучи во Општиот колективен договор, вели Трендафилов, мора да важи за сите подеднакво.

Предлогот на ССМ и на останатите синдикати, како што додаде, е во насока на тоа да се утврди на кој начин ќе пораснат платите.

Според претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, формулата просечна плата по коефициент на сложеност на работно место е моделот што треба да се применува во наредниот период.

– Тоа што не интересира како СОНК и како Конфедерација на слободни синдикати е периодот на усогласување на платите. Не зборуваме за зголемување, туку за усогласување на плати. Тоа ние мораме оваа година да го компензираме за да дојдеме на исто ниво од лани.

Во спротивно, секакво усогласување на плати под овие проценти би значело свесно уназадување на нашиот буџет. Тоа сигурно нема да го прифатиме и мора да го сработиме сето во текот на 2023 година, изјави Неделков по состанокот.

Во однос на транзицискиот период на усогласување во 2024 и 2025 година рече дека би бил прифатлив кога би биде договорена динамиката за усогласување на платите согласно постоечките колективни договори.

Нова средба е закажана за среда во 9 часот во Министерството за финансии.

Битиќи: Не знам од каде се излезени 14-те отсто

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е оптимист дека ќе се најде решение за методологијата за раст на платите во јавниот сектор. Тој денеска уште еднаш повтори дека решението мора да биде системско и одржливо, не само во корист на вработените во јавниот сектор, туку и во полза на граѓаните кои добиваат јавни услуги. Потврди и дека разговорите со синдикалците ќе продолжат во среда.

Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Нехо Исни“- ДООЕЛ Скопје, Битиќи истакна дека за него е нејасно од каде се излезени 14-те проценти кои синдикатите бараат да бидат основен параметар за зголемувањето на платите.

Барањето, пак, платите на избраните и именуваните лица да се вратат на ниво како пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за работниците, така и за функционерите, како што информира, денеска е прв пат ставено на маса.

-Не знам од каде се излезени 14-те проценти. На Економско-социјалниот совет денеска, во помал состав, без работодавачите, зборувавме за методологијата за платите во јавниот сектор која се обидувавме да ја усогласиме. Методологија базира на просечната плата помножена со коефициент, со период на прилагодување за да дојдеме до тој модел.

Секако, во среда продолжуваат разговорите во формат на работни групи и кое било решение што сметаме дека е системско и одржливо за да ја зголеми ефикасноста, продуктивноста и ефективноста на јавниот сектор, а тоа се задоволни граѓани од услугите од јавниот сектор, ќе го поддржиме.

Сметам дека дискусијата за платите на функционерите, 1.060 наспроти 136.000, не е работа на дискусија. Секако, решението што ќе го дадеме ќе биде аплицирано за сите, а што е тоа, ќе можеме да го кажеме кога ќе го постигнеме преку дијалог.

Преку дијалог ќе дискутираме, прв пат денеска беше даден на маса таков предлог. Треба да видиме што значи тоа вистински. Има институции кои немаат синдикати и треба сеопфатно да се дискутира дали и каков модел би требало да аплицираме, нагласи Битиќи.

Според него, синдикалците не бараат решение со аплицирање една методологија, туку велат „за помалку платените работни места да биде поголемо зголемувањето, за повеќе платените да биде помало“.

-Моделот денеска што го претставивме – споредбено, септември оваа година со септември лани, зголемувањето е далеку над процентот на инфлација што го имавме минатата година и затоа е тоа работа на дискусија. Ќе се разговара во среда, во четврток, во петок, за да се најде решение.

Мислам дека ќе се најде решение, најдобро во овој момент за сите во јавниот сектор, но и за сите во државата, подвлече вицепремиерот Битиќи.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед на активни случаи на Ковид-19 во Тетово и тетовско

Редакција

Македонската ракометна репрезентација ќе игра на Светското првенство во Египет

Редакција

(Галерија) Заев и Ахмети заедно славеа за „Северна Македонија“

Редакција