Поставувањето на новото име на фасадата на Владата ќе биде извршено по изборите, изјави денеска генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со претставниците на Меѓуресорската работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците.
– Тоа е процедура што налага тендерски постапки и можете да очекувате тоа да се случи по завршување на изборите, согласно тоа дека за време на избори тендерски постапки што не се во годишниот план за јавни набавки не може да се спроведуваат, рече Рашковски.
По стапувањето во сила на Договорот од Преспа, од фасадата на Владата беа отстранети буквите „Влада на Република Македонија“, а на нивно место треба да дојде новиот назив „Влада на Република Северна Македонија“.
МИА