NYSK Holdings отвори нова фабрика за одгледување на канабис за медицински цели и за финални медицински производи на база на канабиноиди.
Новата фабрика е гринфилд инвестиција, сместена во нов модерен објект, на површина од 17.800 метри квадратни, во општината Петровец.
Вкупната инвестиција во објектот и во најсовремена опрема за ваков тип на производство изнесува 16 милиони евра.
Во компанијата се вработени 60 лица, а согласно развојните планови дополнително ќе се вработат уште 100 лица.
„Ние сме горди и задоволни што дури и во време на криза предизвикана од пандемијата од Ковид-19, нашата компанија најде сили да инвестира во изградба на капацитет, во кој се вградени највисоките европски и светски стандарди што се применуваат во оваа индустрија.
Реализиравме инвестиција која ќе овозможи производство на производи со врвен квалитет, конкурентни на европските и светските пазари, но истовремено креиравме и нови работни места за млади стручни кадри кои ќе работат согласно високите стандарди потребни во оваа област“, истакна д-р Златко Кесковски, извршен директор на NYSK Holdings и PHCANN International.
NYSK Holdings е дел од групацијата PHCANN International и е првата македонска компанија лиценцирана за одгледување на канабис за медицински цели. Компанијата го поседува и највисокиот фармацевтски стандард на Европската Унија (EU GMP) за производство на активни фармацевтски состојки (API) и финални фармацевтски производи на база на канабиноиди.
„Полска е значаен економски партнер на Северна Македонија, со континуиран систематски раст на трговската размена меѓу двете земји. Ова е најголемата полска инвестиција во земјата и тоа во релативно нов деловен сектор во Европа, кој истовремено изискува висока технолошка подготвеност.
Ваквата инвестиција наметнува голема одговорност, но нуди и голема можност за успех и претставува проект со големо значење за економскиот и општествениот развој на земјата“, изјави амбасадорот на Република Полска, Н.Е. Војчех Тичињски.
При изградбата и опремувањето на новиот производствен капацитет, следени се сите стандарди за ваков тип на производство, во сите фази на одгледување на растението до добивање на финален производ, согласно насоките од Европската медицинска агенција (European Medical Agency).
„Одгледувањето на медицинскиот канабис е сегмент со светла иднина не само кај нас, туку и насекаде во светот. Има многу медицински студии кои докажуваат дека медицинскиот канабис помага во многу состојби односно дијагнози во сферата на медицината.
Во ова поле постојат поволни услови за отворање на нови работни места за квалификувани лица, особено во сферата на фармацевтските науки. Во изминатите две и пол години благодарение на оваа компанија успеавме и да ја официјализираме соработката со Институтот за лекови и медицински помагала на германското министерство за здравство“, истакна Венко Филипче, министер за здравство.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, на отворањето на новата фабрика го потенцираше значењето на оваа инвестиција – првата македонска компанија која е лиценцирана за одгледување на канабис за медицинска цели, изградена со највисоки стандарди со високо додадена вредност и една од ретките која посетува високи ЈМП.
„Владата е во постојана комуникација со претставниците на оваа дејност, која во светот е во подем. Веќе има стотици лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани. Верувам дека и Парламентот е подготвен да покаже разбирање за предложените измени на законот, за кои имаше одредени блокади во претходниот период.
Ако се усвојат измените на Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис, кој ќе поттикне нови инвестиции, развој и нови работни места. Ако тоа го направиме, до крајот на годината очекуваме преку производство на канабис за медицински цели да се остварат приходи од околу 250 милиони евра. Тоа ќе стимулира илјадници нови високоплатени работни места и ќе овозможи нашата земја да изгради свој имиџ на земја со исклучително поволна клима за оваа индустрија“.
Новата фабрика на NYSK Холдинг располага со најсовремена опрема за хемиско-физичка анализа и микробиолошка лабораторија за испитување на квалитетот на производите, во која се инвестирани еден милион евра.
Лабораторијата овозможува контрола на квалитетот на производите во сите фази на производството, со што компанијата е една од ретките од оваа индустрија на европската мапа со ваков потенцијал.
Современата лабораторија освен за сопствени потреби ќе се стави на располагање и на другите компании од оваа индустрија во земјава, со што ќе се придонесе за подигнување на стандардите.
Скоро 99% од производството на NYSK Holdings е наменето за извоз и се пласира на странски пазари. Мал дел од производите се наменети за македонскиот пазар, односно производи на база на ЦБД и тоа 4 типа: ЦБД 5 %, ЦБД 10%, ЦБД 15% и ЦБД 20 %. В
о подготовка е и производството на производи на база на ТХЦ, кои наскоро ќе бидат пласирани на пазарот. Вкупната инвестиција на компанијата во Република Северна Македонија надминува 20 милиони евра.