еМагазин
Image default
Забава

Објавена програмата на Струмичкиот карневал кој ќе се одржи на 22 февруари

Годинашново издание на Струмичкиот карневал ќе се одржи од 22 февруари до 1 март.

Организациониот одбор ја објави програмата, а карневалот ќе почне со свечено предавање на клучот од градот од градоначалникот на карневалистите.

Веднаш потоа е закажана изложба на карневалски маски на СОУ „Никола Карев“, а наредниот ден е резервиран за Концертот под маски на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, како и за објавување на резултатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“.

В петок, на 24 февруари, треба да се одржи традиционалниот маскенбал, на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно со кралската свита ќе ја предводат Интернационалната карневалска поворка на главната карневалска вечер (25 февруари 18.30 ч.).

Празникот Прочка (26 февруари, недела) е резервиран за Детскиот карневал, на кој најмладите ќе продефилираат во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките.

На Чист Понеделник (27 февруари) карневалските празнувања продолжуваат со варење и консумирање на традицоналниот бел грав, а ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена и традиционалната изложба на карикатури и афоризми и ќе бидат доделени наградите на најуспешните.

Претпоследниот ден е резервиран за Карневалско корзо и доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер.

Карневалот завршува на 1 март со организирање Тримерски ручек и настап на Распеани струмичани, како и враќање на клучот од градот на градоначалникот од страна на карневалистите.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Стартуваше новата македонска серија „Куќен притвор“

Редакција

(ВИДЕО) Од Русија во скопската зоолошка стигнаа нови шест пингвини

Редакција

Филмската академија објави фотографија од сите номинирани за Оскар: Ди Каприо до Котевска

Редакција