Од денеска во Германија стапува на сила новиот закон со кој се предвидува олеснување на околностите за работа во оваа држава на работници кои не се членки на ЕУ, пишува Дојче Веле на македонски.
Со примената на овој закон, предност се дава на луѓе кои имаат завршено високо образование или виша школа. Ако тие услови се исполнети и заинтересираниот може да докаже дека нашол работно место во Германија, доселувањето му е дозволено. Нема ограничување по професии. Тоа значи дека не се работи само за луѓе кои може да пополнат работни места во некоја од областите за кои владее недостиг на работна сила.
Генерално нема да се практикува веќе ни проверката дали странец навистина би имал предност пред домашен за конкретното работно место, но по потреба таквата проверка ќе може да се воведе во било кое време за заштита на домашната работна сила. Ново правило е и дека стручни кадри со специфична обука може да си бараат работно место и во Германија, наместо да го имаат веќе најдено пред да се доселат. За наоѓањето работа ќе имаат време од 6 месеци.
Тоа значи дека сите оние кои не можат да приложат доказ за работно место, но имаат доказ за соодветна стручна квалификација може да бараат работно место, доколку имаат познавања од германскиот јазик. Кандидатите мора и да докажат дека самите може да се издржуваат и дека нема да бараат социјална помош од Германија.
Предуслов за тоа странска работна сила да работи во Германија е да биде признаена нивната квалификација.