еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Од денеска задолжителна зимска опрема во возилата

Обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, започнува да важи од денеска, а ќе трае сѐ до 15 март следната година.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упати апел до возачите да бидат одговорни и да ја почитуваат законската обврска.

– Иако временските услови сѐ уште се стабилни, сепак во наредниот период се очекуваат минусни температури, особено во раните утрински и доцните вечерни часови. Појавата на голомразица на одредени осојни места, мостови, подвозници или надвозници е речиси извесна, а исто така сѐ почеста ќе биде и појавата на замрзнати коловози, укажува РСБСП.

На возачите кои нема да ја почитуваат законската обврска им се издава платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност, односно им се регистрираат 25 негативни бодови. Воедно полициски службеник може да нареди прекин на натамошното движење на возилото, ако возачот не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба, како и во ситуација кога не постои таков сообраќаен. Ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави зимската опрема на возилото.

РСБСП апелира до возачите да направат зимска проверка и подготовка на своето возило, навреме да ја обезбедат потребната зимска опрема, секогаш да ја носат во своето возило и правилно да ја користат.

Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала, пак, подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, од најмалку четири милиметри. Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.

За моторни возила со маса над 3.500 колограми се предвидени гуми на погонските тркала со минимална длабочината на шарите од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите од минимум четири милиметри, како и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала и лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Воведени се три нови типови на инсулин, еден од нив наменет за децата

Редакција

Што се прави во црквите на Велипеток

Редакција

Техничка помош од Владата на Германија за реконструкција на студентските домови

Редакција