еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Одбележување на Светскиот ден на пчелата 2023: Сите зависиме од нивниот опстанок

Во пресрет на Светскиот ден на пчелите, Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО) ги повикува државите и поединците да направат повеќе напори за да ги заштитат пчелите и другите опрашувачи со цел да се заштитат екосистемите и да се обезбеди сигурност на храната.

Пчелите се под голема закана од повеќе фактори, како климатските промени, интензивното земјоделство, употребата на пестициди, губењето на биолошката разновидност и загадувањето.

Под слоганот „Пчелата дел од земјоделско производство кое е погодно за опрашувачите“, Светскиот ден на пчелите 2023 година има за цел да ја подигне свеста за важноста од примена на земјоделски практики кои се погодни за пчелите и другите опрашувачи, а истовремено придонесуваат за отпорноста, одржливоста и ефикасноста на земјоделско-прехранбените системи.

Амбасадата на Република Словенија и Земјоделскиот институт-Скопје, во соработка со општина Гази Баба и ФАО, денеска го одбележаа Светскиот ден на пчелите со фокус на младите. Настанот, кој се одржа во Земјоделскиот институт, ја подигна свеста на учениците за виталната улога на пчелите во одржливото производство на храна, зачувувањето на природата и зачувувањето на животот на Земјата.

Две жени, пчелар и ентомолог, им покажаa на децата од основните училишта во општина Гази Баба како функционира еден семеен бизнис кој произведува природен мед. Тие, исто така, им ги објаснија разликите помеѓу пчелите и другите опрашувачи, придобивките од опрашувачите и што се подразбира под здрави живеалишта на опрашувачите.

Преку дегустација на мед, децата научија за различните видови мед произведени од различни видови пчели. Дополнително, учениците ги изразија своите новооткриени сознанија за важноста на пчелите преку ликовна активност на оваа тема. Настанот заврши со посета на пчеларникот на Земјоделскиот институт, донација од Република Словенија.

„Пчелите, тие мали, но прекрасни суштества, неуморно ги опрашуваат нашите култури, овозможувајќи раст на овошје, зеленчук и безброј други извори на храна кои нè одржуваат. Тие се неопеани херои на нашите полиња и овоштарници, кои тивко ја работат својата магија за да обезбедат нашите чинии да се наполнат и нашите заедници да напредуваат,“  потенцираше Виктор Ѓамовски, директорот на Земјоделскиот институт – Скопје.

В.Д амбасадорката на Словенија, Татјана Ковачич во нејзиниот воведен говор изјави дека пчелите и другите опрашувачи се клучни за глобалната безбедност на храната.

„Секоја трета лажица што ја јадеме зависи токму од нив. Одбележувањето на Светскиот ден на пчелата е можност за глобална соработка, соработка меѓу нашите две пријателски земји и солидарност за заштита на пчелите,“ додаде Ковачич.

Кристина Митиќ Арсова, национален тим лидер на ФАО изјави дека опрашувачите како пчелите, птиците и лилјаците придонесуваат за 35 отсто од вкупното светско растително производство, опрашувајќи 87 од 115 водечки прехранбени култури ширум светот.

„Сепак, пчелите и многу други опрашувачи се намалуваат. Интензивното земјоделско производство и прекумерната употреба на пестициди претставуваат сериозна закана за пчелите и другите опрашувачи, го намалуваат нивниот пристап до храна, ги изложуваат на штетни хемикалии, го ослабуваат нивниот имунолошки систем и негативно влијаат на биодиверзитетот.

Светскиот ден на пчелите е можност за сите нас да промовираме акции кои ги штитат опрашувачите и нивните живеалишта. Дури и одгледувањето цвеќиња дома за да се хранат пчелите придонесува за овој напор“, додаде таа.

Словенија, заедно со ФАО, беше клучна во воспоставувањето на Светскиот ден на пчелата како меѓународен ден преку резолуцијата на Генералното собрание на ОН усвоена во 2017 година. Официјалната церемонија за првиот Светски ден на пчелата се одржа во 2018 година во словенечкото село Брезница, родното место на Антон Јанша, пчелар и пионер на модерното пчеларство. Неговиот роденден, 20 мај, беше избран да се одбележува секоја година како Светски ден на пчелите.

МИА/Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Иванов „распали“ по власта: Јас помилував за помирување, вие амнестирате за да уценувате

Редакција

Бесплатнoто паркирање во Hug&Fly зоната на Меѓународниот аеродром Скопје е 10 минути

Редакција

„Електроизградба“ го доби тендерот на Град Скопје за одржување на јавното осветлување и градските часовници вреден милион евра

Редакција