еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Одбраната на осудените за убиството на хрватскиот ракометар побара ново судење

Бранителите на осудените во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, денеска во Апелациониот суд во Скопје ги образложија своите жалби на пресудата на Основниот Кривичен суд Скопје и бараат повторување на постапката.

Тие сметаат дека пресудата е неоснована поради суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка, погрешно утврдена фактичка состојба, повреда на Кривичниот законик и одлуката за кривичната санкција.

Иле Танев, бранител на Анџело Ѓорѓиевски, на денешната јавна седница истакна дека мотивите што се наведени за убиство, како што рече, „не може да опстојат, бидејќи немало никакво познанство помеѓу обвинетиот и оштетениот“.

– Во една ваква состојба не постои никаква умисла. Го оспоруваме делот дека Судот прифаќа дека кај тројцата обвинети се вродила некаква умисла да сите тројца го сторат ова кривично дело, рече Танев.

Според него, околностите што им одат во корист на обвинетите не се земени предвид.

– Како што е расправијата во таксито, начинот на настанатата ситуација и тоа што Анџело дава прва помош, посочи Танев.

Според адвокатот, алкохолизирана состојба на ракометарот дала голем придонес за да се случи тоа што се случи и последиците да бидат такви какви што биле.

Бранителот на Клементина Левковска, Емил Гугутчески, побара предметот да се врати на повторно судење и истакна дека судот не го обезбедил клучниот сведок, односно таксистот.

Еленко Миланов, бранител на Андреј Костовски, истакна дека ова дело не може да се квалификува како убиство или соизвршителство.

– Неспорно од она што произлегува од тие видео записи е дека по првичниот пад на плочникот на сега починатиот Тот, истиот нема никакво самостојно движење, посочи адвокатот Миланов, образложувајќи дека ударот од Андреј во градниот кош, според него, не можел да доведе до последиците кои настанале.

Осудените, исто така, се приклучија кон жалбите на своие бранители и истакнаа дека не посакувале да се случи тоа што се случило.

Обвинителството, од друга страна, предложи жалбите да се одбијат како неосновани, бидејќи, според нив, фактичката состојба е правилно утврдена.

Основниот кривичен суд Скопје во ноември минатата година ги осуди Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска по 18 години казна затвор, а Андреј Костовски на 16 години за убиството на хрватскиот ракометар кој почина на 8 април 2022 откако беше претепан од обвинетите пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.

Според обвинителниот акт, Ѓорѓиевски, Левковска и Костовски, на 7 април, по кратка расправија го нападнале Тот и му задале повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај него најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал.

Процесот го водеше судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а обвинението го застапуваше обвинителката Тања Трајчевска.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонија дел од најголемата мултинационална воена вежба во Европа, „Defender Europe 23”

Редакција

Починати 20 лица од Ковид-19, вкупната бројка достигна 2.274

Редакција

Мијалков на суд: Продолжува судењето за „Таргет-Тврдина“

Редакција