еМагазин
Image default
Интервју

Џорџ Венистом, автор на „Буниште од емоции“: Восхитувајте се себе си

Авторот на „Буниште од емоции“ е потпишан под псевдонм, а во интервју за „еМагазин“ вели дека одлучил Џорџ Венистом да биде неговата душевна рефлексија, која се надева дека ќе остане на овие простори и по моето физичко отсуство. Овој псевдоним всушност, е одраз на душата на авторот.

Зошто вашето прво дело го напишавте под псевдоним а не со вашето вистинско име?

– Велат дека „мерка за успехот е споредбата“. Најчесто како координатна кота за споредба прифаќаме одредена личност со која го рангираме нашиот степен на успех. Јас одлучив тој мој „идол“ да биде виртуелен лик кој, секако, е одраз на мојата душа. Моето физичко присуство, од
една страна, рефлектирано во духовното создавање на авторот, од друга страна. Моќта да создадете лик со кој ќе се споредувате, всушност, за мене е есенција на животот – најдобро е да се споредувате сами со себе. Да бидете подобри од вчера. Да бидете похумани денес. Да бидете поинвентивни утре. Да бидете подобро ЈАС во мигот во кој сте од ЈАС во минатото, односно послаба верзија од ЈАС во иднината. Затоа одлучив Џорџ Венистом да биде мојата душевна рефлексија, која се надевам ќе остане на овие простори и по моето физичко отсуство.

Книгата „Буниште од емоции“ излезе пред македонската публика во време на измешани емоции, соочени со предизвиците од пандемијата. Што се крие во насловот на овој роман?

– Да, книгата излегува во период кога сме „принудени“ или се „само-принудуваме“ да останеме во нашите домови, соочени со невидлив непријател. Непријател кој го напаѓа нашето тело и здравствената состојба и на релативно здрава личност, ја сведува на катастрофа. Бидејќи ова е нова состојба ние не знаеме како да реагираме за да се соочиме со предизвикот, кој дефинитивно, го смени начинот на живеење, размислување, ангажирање, вреднување. Со ваков „вирус“ јас се соочив два – три месеци пред светот да прогласи пандемија и да крахира. Единствената разлика е што тој вирус ме атакуваше само мене и што беше насочен кон мојата психологија. Беше невидлив, си поигруваше со моите емоции, ме доведе до едно буниште каде што макотрпно работев на осознавање на непријателот, пакување и редефинирање на емоциите, воведување ред во психолошката тинктура на мојата личност. Она што мене ми се случи реално, верувам дека им се случува на многу поединци во светот. Затоа, оваа книга е само рефлексира на душевната состојба на авторот во одредено минато, соочен со личен непријател за неговата емотивна структура. Благодарение на поддршката на професионалците, на пријателите, на семејството и на тастатурата и компјутерот, Вие имате можност да го читате ова пандемиско дело.

Имате интересен и невообичаен стил на пишување, сублимат на современи македонски термини и архаични изрази. Каква реакција очекувате од публиката и зошто го одбравте овој стилизиран пристап во пишувањето?

– Факт е дека сум љубител на пишаниот збор. Тоа е мојата водилка во животот. Збирот на букви кои, во одреден редослед, даваат конкретно значење. Приврзаник сум и на симболизмот, нешто што овозможува интелектуална гимнастика на секој поединец. Реалноста која ние ја согледуваме е резултат на некои обиди за дефинирање на значењето на природата и предметите околу нас, на психолошките состојби кои ги совладувале нашите предци, на генетскиот код впишан во структурата на секој поединец. Пример, зборот РЕКА, е составен од 4 букви, кои подредени по одреден редослед, даваат одредено визуелно значење на секој што го знае македонскиот јазик. И без да ја гледате реката во моментов, Вие знаете во кои контури ја дефинира овој поим.

Но, сте се замислиле ли некогаш дека и додека ја гледаме реката во нејзината природна убавина, секој од нас рефлектира сосема поинакви емоции од вековните записи на генерации пред нас, од нашето присуство во мигот и од емотивниот набој дека токму тука, во идно време, други генерации ќе го доживуваат истото чувство што Вие сега го регистрирате во вашето ДНК. Токму ваквата состојба ме мотивираше да пишувам во стил на испреплетеност на зборови од минатото, сегашноста и иднината. Структурата на реченицата е како течението на реката. Секој може да ја протолкува и редефинира, да продре во длабочината на значењето и да вгради своја лична нишка во приказната на емоциите.

Дејствието на книгата го сместувате вон човечката и вон просторната димензија, иако цело време говорите за два реални ликови од нашето поднебје. Зошто го создавате овој спој на духовното и материјалното, на непостоечкото и дофатливото?

– Отсекогаш сум имал предизвик во животот да живеам согласно еден баланс на општественото и природното, на создаденото од луѓето и создаденото од друга енергија. Целиот свој живот како да го тестирам и предизвикувам човечкиот порив за стекнување материјални добра и по цена на губење на духовната сталоженост и с(мир)еност. Сведоци сме за судбини на многу наши блиски пријатели кои, во борба за повеќе материјализам, ја изгубија својата личност. Свесни сме дека успехот кај нас е рефлексија само на купен автомобил, брендирана гардероба, два или три стана,брендирана пура и тон шминка. Обид да ја маскираме реалноста дека психологијата и чувството на секој поединец е квалитативната рамка на која треба да се заснова мерката „успех“. Да не ме сфатите погрешно, немам ништо против материјалното кое го олеснува животот и го унапредува начинот на живеење. Само велам дека потребен е балансиран пристап – емотивна подготвеност на секој поединец да живее и ужива со материјалните добра кои ги поседува, без разлика дали ги наследил или ги создал. Нели, сите семејства беа среќни на ист начин, но секое семејство е несреќно на свој начин.

Главни ликови во книгата се Том и Венис, што доколку ја прочитате ќе сфатите дека се кованици – составени од букви – но сепак, имаат своја изразна форма и значење. Како дојдовте до овие ликови?

– Прво, сакам да потврдам дека ликовите се реални и присутни на ова поднебје. Ја градат структурата наречена реален живот. Секако, не со конкретниве имиња на ликовите во „Буниште од емоции“. Од друга страна, како што веќе реков, секоја буква подредена под точен редослед создава збор со значење. Доколку ја прочитате книгата, ќе сфатите дека и Том и Венис се зборови кои имаат животно значење. Ја отсликуваат линијата на животот и моќта на симболизмот. ТОМ е составен од три букви, кои означуваат почеток, течение и крај. Исто како што и реката ги живее овие дефинирани точки, така и животот на секој поединец почнува со „Т“, тече согласно „О“ и завршува со „М“.

Животот почнува со Татнеж – изблик на напор при раѓањето, експлозија на измешани емоции на болка и радост, миг кога се раѓа нешто ново и живо. Овој татнеж одекнува во одредена димензија. Потоа, живот го минуваме во постојано Осмислување – планираме, дефинираме, сместуваме , кроиме и прекројуваме – за да постигнеме конкретна цел. И на крајот на животот, бараме само Мир, согледувајќи ја патеката која сме ја минале и нашето квалитетно учество во човечката генетска структура. За да ги минеме овие три состојби, неопходно е да имаме ВЕНИС – Вера, Енергија, Надеж, Искра и Среќа. Да веруваме во нешто, да имаме енергија да совладуваме, надеж дека ќе успееме да оставиме трага, дека се што ќе почне е резултат на некаква искра и дека секој е среќен на свој начин.

Во еден дел од книгата експлицитно велите дека „љубовта е таа која ги раздвојува нивните Души, кои како Сонце и Месечина постојано го креираат нивното животно патешествие“. Зарем љубовта не е највисоката човечка емоција?

Да, токму љубовта ги раздвои Том и Венис. Кога ќе кажете „љубов“ нели помислувате на „размена“. Јас давам емоции кон одредена личност и очекувам да ми бидат возвратени. Вложувам време и очекувам внимание. Правам нешто и очекувам да прават нешто за мене. Значи, давам за да добијам. Доколку не добијам, тогаш нема љубов – веќе нема да вложувам, нема да давам и да правам. Невозвратената „трансакција“ ги раздели ликовите, како што впрочем се случува и во реалниот живот. Колку љубовта пропаѓа. Не, не пропаѓа љубовта, туку пропаѓаат очекувањата.

Секој од нас ја дефинира сопствената скала на емоции, но за мене, на повисока позиција од љубовта е Восхитот. Да му се восхитувате некому не значи дека, по „дифолт“ и тој треба Вам да Ви се восхитува. Вие се восхитувате без да очекувате возврат, се восхитувате затоа што таа личност тоа реално го заслужува, се восхитувате без да очекувате. Восхитот е обид да се постигне баланс емотивно да се стигне на скалилото каде што се наоѓа личноста на која се восхитуваме. Доколку во меѓувреме, таа личност уште повеќе се воздигне, во позитивна смисла на зборот, ќе имаме уште поголем мотив за успех и за наше себе-воздигнување. За мене оваа вечна борба претставува, прво восхит само кон себе и кон своите успеси, неуспеси, преземени активности, уживања и животни патешествија. Потоа, претставува споредба со некој/а надвор од мојата генетска структура. Размислете длабоко…. и секако, читајте и пишувајте.

ПРОМОТИВНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ивона Милошеска, „Хилтон“: Многу успешно се справуваме со предизвиците во работењето неполна година по отворањето

Редакција

Fish in Oil со ексклузивен концерт во Public Room: Македонската публика не сака

Редакција

Јовановски: Дипломатијата е многу важен дел од градењето на идентитетот на една држава

Редакција