еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Организации од Македонија и Албанија до УНЕСКО: Охридскиот регион да се стави на Листата на светски наследства во опасност

Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ поднесе писмо до Комитетот за светско наследство, поддржано од 18 македонски и 15 албански организации, со апел за впишување на Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност.

Триесет и четири организации изразуваат загриженост за состојбата на Охридскиот регион, која, како што велат, не е последица на војна или природна катастрофа, туку најчестите причини за уништени вредности и прогласување на светски наследства во опасност се директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави.

– За жал, алармот во 2019 година не ги разбуди нашите влади, и дополнителното време кое го добија од Комитетот за светско наследство за да ги спроведат препораките и неопходните мерки за заштита го искористија за нови планови за урбанизација, поволности за нелегалните градби маскирани со неколку симболични отстранувања на привремени конструкции, продолжување на неефикасното управување и неефикасната законска заштита, прекршувања на постоечките закони, чекори кон реализација на плановите за Коридор 8 без никаква анализа на алтернативни рути, празни и чисто формални одлуки кои навидум ги спроведуваат препораките, а во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето и друго, се вели меѓу другото во апелот до Комитетот.

Она што особено ги загрижува потписниците на писмото е продолжувањето на процесите за урбанизација, дури и по многу сериозното предупредување на Мисијата од јануари 2020 година дека „тековните и планираните модификации забрзано ја водат веќе ранливата состојба до точка по која нема враќање“.

– Сите урбанистички планови иницирани по мисијата во 2020 година и сите неспроведени, а неопходни активности (како процена на влијанието врз животната средина на дивоградбите и рушење на објектите со негативно влијание) недвосмислено покажуваат дека нашите локални и централни власти продолжуваат по истиот пат кој го доведе светското наследство во сегашната лоша состојба, целосно свесни дека тоа е пат кој води до можно неповратно губење на непроценливо богатство кое му припаѓа на целиот свет и сите идни генерации, е ставот на Фронт 21/42.

Апелот, со кој се бара впишување на Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност и осуда на свесното уништување на неговите вредности од страна на институциите, е потпишан од следниве македонски организации: Фронт 21/42, Охрид СОС, Факултет за Шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, Институт за комуникациски студии, Новинари за човекови права, О2 Иницијатива, Гоу Грин Скопје, Го Сакам Водно, АРТ Поинт – Гумно, Организација на потрошувачи Кочани, ЕД Вила Зора, Балканска Водна мрежа, Скриениот херој во секое дете, Еко-Живот Кавадарци, Рурална Коалиција, Планетум – Струмица, Грин.орг Кочани, Здрава Котлина-Струмица и Добра Земја – задруга за органска храна.

Од Албанија апелот е потпишан од: Albanian Centre for Environmental Governance – A.C.E.G, Eco Albania, UJA Center, Albanian Ornithological Society (AOS), The Resource Environmental Center Albania, Organizata ILIRIA, Tirana, Protection and Preservation of Natural Environment in Albania (PPNEA), Shoqata për Ruajtjen dhe Mbrojtjen e Mjedisit Natyror – Vlorë, „Friends of Korca“ Association, Albanian Network for Rural Development – ANRD, Qendra e Informacionit Aarhus Shkodër, Instituti për Ruajtjen e Natyrës në Shqipëri – INCA, Observator, Tirana, Cesvi, Vjosa Explorer.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Симболите на грчкиот национализам: Задникот, Сонцето од Вергина и Богородица

Редакција

Еврејската заедница на РМ: Бугарија беше окупатор во Македонија, денешната тамошна власт да се извини за холокаустот

Редакција

За „бомбата“ се огласи Миодраг Дака Давидовиќ: На Кичеец му дадов 300.000 евра за консалтинг, ништо од ветеното не исполни

Редакција