еМагазин
Image default
Бизнис

Осигурителните компании платиле 10,2 милиони евра провизии за продажбата на своите посредници 

Осигуреници вложиле 5 милијарди денари (81,2 милиони евра) во осигурување за половина година.

Од тоа 2,59 милијарди денари ( 42 милиони евра) се вложени во полиси директно купени од осигурителните друштва и уште 2,41 милијарди денари (39,2 милиони евра) преку посредници во осигурувањето.

Во овој период преку посредници во осигурување се склучени над 370.000 договори за осигурување, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за периодот јануари – јуни годинава, за неживотно осигурување.

Во структурата на посредничка продажба на осигурителни продукти најголемо учество имаат осигурително-брокерските друштва. Тие согласно законската регулатива работат во корист на осигурениците односно ги снимаат ризиците и врз основа на тоа да ги дизајнираат полисите, а воедно во случај на штети ги застапуваат нивните интереси пред осигурителните компании.

За шест месеци преку овие друштва осигуреници (физички и правни лица) вложиле 1,5 милијарди денари (24,4 милиони евра) во различни осигурителни производи.

Од тоа најголеми се вложувањата во полиси за законски задолжителната автомобилска одговорност. Тие изнесуваат 1 милијарда денари (16,3 милиони евра).

Во осигурување имот вложиле уште 735,6 милиони денари (12 милиони евра). За своите услуги 40 осигурителните брокерски друштва наплатиле 398,6 милиони денари (6,48 милиони евра) провизија од осигурителните компании.

Друштвата за застапување во осигурување (компании кои можат да нудат полиси и од повеќе осигурителни компании само доколку тие осигурителни продукти не си конкурираат меѓусебно) за првите шест месеци продале полиси во вкупна вредност од 252 милиони денари (4,1 милиони евра).

За своите услуги од осигурителните друштва наплатиле провизии во вкупна вредност од 68,5 милиони денари (1,1 милиони евра). На осигурителниот пазар работат 12 компании лиценцирани за застапување во осигурување.

Повеќе од 1.300 физички лица – лиценцирани застапници во осигурувањето во првата половина од годинава продале полиси во вредност од 534,8 милиони денари (8,7 милиони евра).

Застапниците за таа услуга како провизија наплатиле 126,89 милиони денари (2,06 милиони евра) од осигурителните компании чии полиси продавале. Во овој период во нивната понуда доминира продажбата на задолжителните полиси за автомобилска одговорност со износ од 402 милиони денари (6,5 милиони евра), односно 75 отсто од целата продажба на полиси преку овој канал за продажба.

Банките се јавуваат како посредници во продажбата на осигурителни продукти на нивни клиенти – кредитобаратели. Во првата половина на годинава банките продале осигурителни полиси во вредност од 100 милиони денари (1,63 милиони евра).

Во таа продажба најголемо учество имаат полиси за осигурување имот кои се поврзани со станбените кредити и тие изнесуваат 60 милиони денари (1 милиони евра). Банките од друштвата за неживотно осигурување за првата половина од годинава наплатиле провизии во вкупен износ од 29 милиони денари (471.000 евра).

Како посредници во купопродажба на осигурителни продукти на пазарот учествуваат и салоните за автомобили и туристичките агенции. Преку салоните за продажба автомобили во овој период се продадени полиси за осигурување во вредност од 6 милиони денари (98.000 евра), а преку туристичките агенции продажбата за овој период изнесува 3,5 милиони денари (57.000 евра).

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Стопанска банка Скопје ја зголеми добивката за 46,2%

Редакција

Нема промена во мерките за влез во Грција

Редакција

Сковин тргнат од „Листата за набљудување“ на Македонската берза

Редакција