еМагазин
Image default
Бизнис

Осигурувањето неживот порасна 16%, осигурениците вложиле 156 милиони евра

Пазарот за неживотно осигурување лани порасна за 16 отсто во споредба со 2020 година. Осигуреници вложија 9,6 милијарди денари (156,5 милиони евра) во сите 18 класи на неживотни осигурувања. Тоа е за 1,3 милијарди денари (21 милиони евра) повеќе во споредба со 2020 година. Граѓани, фирми, здруженија и инстиуции лани склучиле речиси 1,5 милиони договори за осигурување. Тоа е за 30 отсто повеќе во споредба со 2020 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Вложувањата во осигигурување неживот лани се поголеми и во однос на 2019 година што укажува на тоа дека осигурителната индустрија во целост закрепна од негативните влијанија и бројните ограничувања предизвикани од здравствената пандемија во 2020 година.

Во осигурување имот, најголема доброволна класа на осигурување, лани граѓани и правни лица вложиле вкупно 2,17 милијарди денари (35,2 милиони евра). Тоа е за 16,5 отсто односно над 300 милиони денари (5 милиони евра) повеќе во однос на претходната година.

Дури за 34 отсто повеќе од 2020 година во осигурување имот вложиле физички лица односно вкупно 679 милиони денари (11 милиони евра). Корпоративниот сектор своите вложувања во осигурување имот лани ги зголемил за 10 отсто и тие достигнале 1,5 милијарди денари (24,2 милиони евра).

Очекувано најголем раст лани има кај патничкото осигурување. Вложувањата во овој осигурителен продукт достигнаа 148 милиони денари (2,4 милиони евра). Тоа е за 94 отсто повеќе од 2020 година кога, поголем дел од годината, заради глобалната здравстена пандемија предизвикана од вирусот Ковид-19 речиси сите патувања беа сведени на нула.

Интензивен раст на вложувањата е карактеристичен и за приватното здравствено осигурување – најбрзорастечкиот осигурителен производ од почетокот на здравствената криза до сега. Во оваа класа осигурување граѓани, фирми и институции вкупно вложија 405 милиони денари (6,6 милиони евра), што е за 48 отсто повеќе од пандемиската 2020 година.

Со умерен раст се карактеризираат и вложувањата во каско осигурување на моторни возила. Вкупно во таа класа лани се вложени 890 милиони денари (14,5 милиони евра), што е за 8 отсто повеќе од претходната година.

Кај најголемата осигурителна класа – автомобилското осигурување, кое е задолжително со закон, лани продажбата на полиси достигнала 4,8 милијарди денари (78,6 милиони евра). Тоа е за 17 отсто повеќе од 2020 година.

Значајно за истакнување е тоа што сите 11 компании за неживотно осигурување бележат раст на продажбата на осигурителни полиси што укажува на јакнење на пазарната конкуренција во секторот неживотно осигурување.

Кај „Триглав осигурување“, АДОР „Македонија“ ВИГ и „Осигурителна полиса“ бруто полисираните премии пораснале до 10 отсто во однос на 2020 година. Кај “Граве неживот“, „Винер ВИГ“ „Евроинс осигурување“, „Еуролинк “ и „Сава осигурување“ премиите растеле меѓу 10 и 20 отсто. Бруто премиите на „Халк Осигурување“ и „Уника“ лани пораснале над 20 отсто, а на „Кроација осигурување – неживот“ се зголемиле за повеќе од 40 отсто во споредба со 2020 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Агенцијата „Спид“ го доби тендерот на општина Струга за привремени вработувања „тежок“ 65.000 евра

Редакција

Константин Илијчов Арнаудов избран за член на Надзорниот одбор на УНИ Банка

Редакција

„Алкалоид“ го одложува Собранието на акционери додека трае вонредната состојба

Редакција