Тоа што денеска, пред еден час го добивме како одговор од Бугарија е всушност нивно гледање на нашиот акциски план, односно размена на идеи по однос на тој план и наредниве денови треба да го разгледаме внимателно, да видиме што од тоа може да се реализира, што може да биде спорно, појасна позиција ќе имаме откако ќе го разгледаме, но се работи за одговор на нашиот Акциски план, рече вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма.
Акцискиот план, како што посочи, го предложил на неговата прва посета во Софија како начин да се воспостави прецизна агенда помеѓу линиските министерства во нивната соработка за потоа да го предложат како конкретен план на задачи и активности откако направиле внатрешна координација со сите министерства за сите проекти кои се во тек, се закочени или се планираат.
„Бевме договорени дека Република Бугарија ќе одговори на тој наш акциски план. Јас имав комуникација минатата недела со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева и бев во очекување на нивниот одговор“, рече Османи.
Додаде дека улогата на специјалниот претставник Владо Бучковски е да има постојана комуникација со Република Бугарија, така што, вели Османи, не се случува ништо невообичаено од тоа што е опис на неговата работна позиција. Посочи дека сите прашања ќе ги решат преку дијалог и отворен и чесен пристап и разговор.
Следната меѓувладина конференција, како што информира Османи, треба да се одржи кај нас, во Скопје, но откако двете страни ќе проценат дека има доволно материјал за да може да се состане меѓувладината комисија и да може да усвои документи кои потоа ќе бидат усвоени на Влада.
На таа меѓувладина комисија мислам дека тоа што е усогласено меѓу комисиите може да се дефинира и усвои како текст и доколку во меѓувреме има нови решенија.
„Досега Комисијата има усогласено текст во однос на пет историски личности, два историски периоди се начелно усогласени, тие треба да се преточат во конкретни препораки за учебниците.
Тука имало некоја разлика на последната комисија дали се тоа истите тектови кои се усогласени за заедничко одбележување треба да бидат основа и за препораки за учебниците, мислам дека таа разлика треба брзо да се надмине меѓу комисиите и со тоа да биде добра основа да се продолжи со работата на комисијата“, рече Османи.
Двата договора, вели, се важни и треба да се прифатат такви какви што се.
„Ниту Бугарија може да бира или да прифати или неприфати нешто од Преспанскиот, ниту пак ние нешто да прифатиме или не од Договорот за добрососедство. Но, сметам дека со разговор и дијалог дека ќе се надминат сите тие прашања, вклучувајќи го прашањето и за придавката македонски“, вели Османи.
Тој тврди дека Бугарија е на јасна позиција дека не ги спори идентитетските прашања.
„Јас во неколку наврати кажав дека ако нешто корисно произлезе од последните четири месеци обиди за комуникација е јасната искажана позиција на Република Бугарија дека не ги спорат идентитетските прашања. Може да видите бројни изјави на бугарски официјални претставници кои тоа го кажуваат.
Оттука треба да се почне дека ова прашање не е прашање на ревизија на идентитетските атрибути и дека историјата како предмет на историската комисија има за цел да ги корегира учебниците во двете држави што создаваат анимозитет меѓу двата народа, токсичност во амбиентот и да ги приближи двата народа, но не историјата како основа на идентитетските прашања.
Во основа тука е и проблемот – недоволното разграничување околу предметот што го третира Договорот за добрососедство. Сметам дека со тек на време се повеќе се разграничува ова прашање“, заклучи Османи.
МИА/Фото: Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Захариева на Бучковски му предложила акционен план за спроведување на Договорот со Бугарија
Османи го демантира Каракачанов: Не постои никаков Анекс со 12 точки
Од грчките медиуми го дознавме новото име на државата, што ќе дознаеме од бугарските?