еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Османи, Рау и Линде на средба со украинскиот колега Кулеба, на полско-украинската граница

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, како дел од Тројката претседавачи со ОБСЕ, заедно со неговите колеги од Полска, Збигњев Рау и од Шведска, Ан Линде, денеска на полско-украинската граница остварија средба со нивниот колега од Украина, Дмитро Кулеба, информираат од Министерството за надворешни работи (МНР).

На средбата со Кулеба, биле дискутирани потребите на украинската страна за одбрана на својата земја, и помошта што меѓународната заедница треба да ја обезбеди на Украина за справување со последиците од војната.

– Треба да направиме повеќе, не само за справување со последиците, туку и да го запреме ова лудило. Херојскиот отпор на украинскиот народ е за највисоко восхитување: додека ја бранат својата татковина, тие ги бранат и нашите заеднички вредности, нашите принципи, нашиот начин на живот, и наша должност е да им помогнеме на секој можен начин, истакна Османи на прес-конференцијата по средбата со Кулеба.

Како што соопшти МНР, министрите го посетиле и прифатниот центар за бегалци Млини во близина на граничниот премин Корчова, на полско-украинската граница. Како резултат на руската воена агресија, милиони граѓани на Украина беа принудени да ги напуштат своите домови и да бараат засолниште пред се во соседните земји.

– Сликите од кампови и бранови на беглаци се длабоко вознемирувачки, особено за нашиот регион каде се уште се свежи сеќавањата од војните во 90-тите година, нагласил Османи.

Министрите уште еднаш ја осудиле неоправданата и неиспровоцираната руска воена инвазија врз една независна држава, спротивно на меѓународното право и основните документи на ОБСЕ. Воедно, укажале и на неопходноста од почитување на меѓународното хуманитарно право и фундаменталните човекови права од страна на Руската Федерација.

Посетата на тројцата министри е дополнително уверување дека Украина ќе биде во фокусот на делувањето на ОБСЕ, и во таа насока ќе се искористат сите механизми на Организацијата за постигнување на мир, безбедност и трајна стабилност во земјата но и во целиот ОБСЕ регион, стои во соопштението на МНР.

Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 19 случаи на Ковид-19 од 2.518 тестирања, бројката на активни е 156

Редакција

Детален преглед: Целосно отсечени села и непроодни патишта поради снежните врнежи

Редакција

“Поарно што Хорхе избра пензија наместо враќање на Правен: Твитер го „испраќа“ Иванов

Редакција