еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Освен со подводен дрон, во потрагата по Мартин се вклучени и волонтери

Иако редовно предвидениот рок за потрага и спасување измина, сепак потрагата на Халкидики по исчезнатото момче од Македонија продолжува и денеска, со еден патролен чамец на Крајбрежната служба на Грција и со учество на спасувачки тимови и волонтери, јави дописничката на МИА од Атина.

Според информациите на МИА, пракса на грчката крајбрежна служба е потрагата да трае 72 часа, односно три дена, меѓутоа како што вчера соопштија од нашето Министерство за надворешни работи овој рок е продолжен по телефонскиот разговор меѓу шефовите на двете дипломатии Бујар Османи и Никос Дедниас.

– За време на разговорот Османи замоли за продолжување на потрагата и покрај изминувањето на редовниот рок, при што беше информиран од својот колега дека е донесена одлука со која се продолжува потрагата по исчезнатиот, соопштија од МНР и додадоа дека шефот на дипломатијата упатил благодарност за трудот и пожртвуваноста на грчката крајбрежна служба, военото воздухопловство и локалното население, кои се вклучени во потрагата.

Разговорот бил по формалното упатување на нота до Министерството за надворешни работи на Грција со молба за продолжување на потрагата.

Спасувачката акција започна во саботата попладне и трае веќе четврти ден, додека пак вчера, според грчките медиуми, во потрагата бил вклучен и подводен дрон, но без резултат.

На Халкидики е и мајката на исчезнатиот М.Ј., а потрагата ја следи и генералниот конзул во Солун.

Двајцата спасени македонски државјани веќе се во Македонија, 25-годишниот Васил завчера беше отпуштен од болницата на Халкидики, додека пак 30-годишниот Иван вчера ја напушти солунската болница.

Спасувачката акција и потрагата започнаа во саботата во попладневните часови, кога тројцата државјани на Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.

Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата.

Еден од тројцата пријатели, беше спасен во саботата по поминати околу два часа во вода, додека пак во неделата, по околу 20 часа во морето беше пронајден и 30-годишниот Иван.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Мартин се бара и со подводен дрон

Мајката на исчезнатиот Мартин пристигна во Грција: Потрагата на Халкидики продолжува

МИА/фото: Voria.gr

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Невреме беснее низ Европа: Во поплавите во Германија 90 загинати и повеќе од 1.300 исчезнати, во Белгија 11 жртви

Редакција

Жител на Велешта физички нападнал медицинска сестра оти му рекла да ја изгаси цигарата

Редакција

Сведок во „Таргет-Тврдина“: Пристап до прислушуваните броеви имаа Мијалков, Грујевски и Николиќ

Редакција