еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Пандемијата е далеку од завршена: Европа е единствениот регион во светот каде што расте бројот на заразени со Ковид-19

Европа е единствениот регион во светот каде што расте бројот на заразени со коронавирусот, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Во неделниот извештај за пандемијата, здравствената агенција на Обединетите нации наведе дека бројот на нови случаи се зголемил за шест проценти во Европа, во споредба со „скокот“ од 18 отсто регистриран минатата недела.

„Неделните нови инфекции во другите региони паднаа или останаа приближно исти“, се вели во извештајот.

Најголем пад е забележан на Блискиот Исток, каде бројот на нови случаи е намален за 12 отсто и во Југоисточна Азија и Африка, каде бројот на новозаразени е намален за 9 отсто.

„Вкупно 3 милиони нови неделни случаи се пријавени во светот“, се вели во извештајот.

Бројот на смртни случаи од Ковид-19 во светот е зголемен за 8 отсто, главно поради Југоисточна Азија, каде стапката на смртност се зголемила за 50 отсто.

Стапката на инфекција со коронавирусот беше највисока во Европа, која пријави 192 нови случаи на 100.000 луѓе, а потоа следат Северна и Јужна Америка, кои имаат 72 нови случаи на 100.000 луѓе.

Додека Чешка, Полска и другите земји во Централна и Источна Европа го пријавија најновиот скок на инфекција, континуираниот пораст на потврдени случаи низ Европа во голема мера се должи на порастот на инфекции во Велика Британија, Русија, Турција и Романија.

Трета доза во богатите земји, ниедна кај сиромашните

СЗО ги осуди богатите земји поради воведувањето програма за примање засилувачка доза, во време кога повеќето сиромашни земји допрва треба да применат вакцини за нивните најранливи популации.

Претходно, СЗО соопшти дека секој ден се даваат околу милион бустер дози, што е околу три пати повеќе од бројот на вакцини дадени во сиромашните земји.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан предупреди на опасноста од големи последици од четвртиот бран на пандемијата на коронавирусот, велејќи дека таа е далеку од завршена и оти треба да се преземат неопходни мерки.

– Ако не преземеме соодветни мерки сега, четвртиот бран ќе предизвика многу проблеми. Пандемијата е сè само не завршена, рече Шпан на заедничката прес-конференција со Лотар Вилер, директор на Државниот епидемиолошки институт „Роберт Кох“.

Тој побара строго почитување на мерките во борбата против пандемијата, како што е ограничување на влезот во ресторани или јавни институции за невакцинираните и носење заштитни маски, како и построго прибегнување кон казнени мерки.

Германскиот министер за здравство укажа и на потребата од подобра контрола во домовите за стари лица за да се избегне појава на зараза, како што се случи неодамна во Бранденбург, кога 14 жители починаа од коронавирусот во дом за стари лица.

Директорот на Институтот истакна дека вакцинацијата и натаму е најефикасна заштита од коронавирусот, но додаде дека вакцината не е „чудотворно оружје“.

Епидемиологот од берлинската клиника „Шарит“, Леиф Ерик Сандер, посочувајќи на постојан пораст на смртните случаи и пациентите во одделенијата за интензивна нега, рече дека Германија е во критична фаза на пандемијата.

Во Германија за еден ден се пријавени 20.398 нови инфекции со коронавирусот и 194 смртни случаи.

Во исто време, грчката државна телевизија ЕРТ јави дека Грците кои не сакаат да се вакцинираат, но сакаат да имаат сертификат за вакцинација, нелегално, по цена од 300 евра вадат европски сертификати во Бугарија, без воопшто да се вакцинираат.

Според телевизијата, бугарската мрежа е веќе активна во северниот дел на земјата, а лицето кое говори за ЕРТ објаснува дека тоа е мрежа во Бугарија, а тој само посредува доколку грчки државјанин е заинтересиран да добие ЕУ сертификат за вакцинација, без воопшто да се вакцинира.

– Одиш за Бугарија, ти даваат сертификат, го проверуваш името, ти го подготвуваат, проверуваш дали е сè точно, плаќаш и си одиш, објасни посредникот за ЕРТ.

Тој додаде дека проверката се врши со скенирање на кодот, се појавува точното име на заинтересираното лице и зелен знак дека е завршена вакцинацијата. Целата процедура, според него, трае 15 минути, единствено што е потребно е лично да се замине за Софија и да се плати 300 евра.

Открива дека лично тој, знае за најмалку 100 издадени сертификати на Грци од северниот дел на земјата во изминатите три месеци.

Во Русија затворање на компаниите

Во Русија, четири области соопштија дека ќе го продолжат еднонеделното затворање на компаниите што е во сила низ целата земја од 30 октомври за да одговорат на порастот на инфекциите и рекордниот број смртни случаи од коронавирусот.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди затворање кон крајот на октомври и им даде можност на регионалните власти да го продолжат. Властите во регионите Курск и Брјанск кои се граничат со Украина, регионот Чељабинск во близина на Урал и сибирски Томск најавија дека ќе го продолжат затворањето.

– Напнатата епидемиолошка ситуација не принудува да го продолжиме периодот на неработни денови за уште една недела. Една неработна недела не е доволна за да се запре бранот на зарази, изјави гувернерот на Томск, Сергеј Звачкин.

Русија вчера потврди рекордни 1.189 смртни случаи од коронавирусот за еден ден, а владиниот штаб за коронавирусот објави 40.443 нови инфекции во изминатите 24 часа.

Во меѓувреме, московските власти најавија дека компаниите ќе се отворат во понеделник.

Московскиот регион, кој вклучува помали градови и места околу градот, најави дека нема да го продолжи „локдаунот“. Регионот Новгородск во понеделникот објави дека ќе го продолжи заклучувањето за уште една недела.

Во меѓувреме, повеќе од илјада Украинци блокираа неколку улици во центарот на Киев, протестирајќи против сертификатите за вакцинација и рестриктивните мерки против коронавирусот.

Демонстрантите, претежно жени и помлади, немаа маски и носеа пароли на кои пишуваше „Не за ковид пасоши“.

Тие се собраа пред зградата на Собранието во знак на протест против одлуката наставниците, владините функционери и другите работници да мора да бидат целосно вакцинирани до 8 ноември или ќе останат без плата.

Исто така, патниците во воздушниот, железничкиот и меѓуградскиот сообраќај мора да покажат задолжителен доказ за вакцинација или негативен тест за ковид. Мерките се воведени поради рекордниот број новозаразени и смртни случаи што Украина ги регистрира последните денови.

Украинците имаат на располагање три вакцини – „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Синовак“, но само 17,1 отсто од 41 милион жители се вакцинирани.

Од другата страна на океанот, американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) препорача вакцинирање деца на возраст од пет до 11 години со вакцината Фајзер/Бионтек против Ковид-19, откако американската Агенција за лекови ја одобри вакцината за таа возрасна група кон крајот на минатата недела.

Со ова, 28 милиони деца на таа возраст во САД ќе имаат право да ја примат таа вакцина.

Препораката неодамна беше одобрена од Американската агенција за лекови (ФДА), додека препораката на Центрите за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) е последниот чекор за започнување на нова фаза од кампањата за вакцинација на децата.

Децата ќе ја примаат вакцината во две дози како возрасни, но по 10 микрограми по инекција, додека за возрасните е 30 микрограми.

Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека ја одобрила за итна употреба индиската вакцина против Ковид-19 произведена од Bharat Biotech.

„Техничката советодавна група утврди дека вакцината Коваксин ги исполнува стандардите на СЗО за заштита од ковид-19, дека придобивките од вакцината многу ги надминуваат ризиците и оти вакцината може да се користи“, соопшти СЗО на Твитер.

Експертите на СЗО препорачаа вакцината да се користи во две дози со тоа што втората доза да се аплицира четири недели по првата, во сите возрасни групи постари од 18 години. Вакцината сега ќе може и да се извезува.

Коваксин е седма вакцина против ковид-19 одобрена од СЗО досега, по Фајзер/Бионтек, Модерна, АстраЗенека, вакцината на Џонсон и Џонсон и кинеските Синовак Биотек и Синофарм.

МИА/Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Каков имот пријавил пратеникот на Беса, Зендели, кој поднесе фиктивна оставка

Редакција

(Вознемирувачко видео) Израелската полиција тепаше Палестинци во џамија

Редакција

(ВИДЕО) Со неверојатно светлосно шоу отворен Вухан, од каде се почна

Редакција