еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Пендаровски на Самитот „Македонија 2025“: Младите мора, првата шанса за успех да ја добијат дома

„Македонија 2025“ од самите свои почетоци пред повеќе од десет години работи на поврзување на бизнисите од земјава и странство, помага во развивање на лидерски вештини со цел да се придонесе за економскиот развој на земјата. Притоа никогаш не беа нудени инстант решенија и краткорочни мерки за успех, туку, фундирани стратегии и долгорочни програми, планови и активности за нивна целосна реализација.

Ова денеска го истакна претседателот Стево Пендаровски на отворањето на самитот „Македонија 2025“ во Мериот.

„Верувам дека сите овде споделуваме заедничка визија за модерна држава со млади кои ќе бидат задоволни со својот живот овде, развивајќи се и остварувајќи се во својата земја. Држава со постојан економски напредок и развој, подготвена да се менува и да ја адаптира својата економија согласно светските трендови.

Еден од основните предуслови за тоа да се случи е соработката на политичарите со бизнис заедницата, односно градење на политики согласно потребите и барањата на актуелниот економски контекст.

Јас лично, можеби нескромно, се ставам на располагање согласно моите надлежности за секоја иницијатива и сугестија од ваша страна, затоа што од првиот ден на оваа функција верувам во одговорно лидерство.

Во нашата држава е неспорно дека се потребни натамошни реформи не само во економијата туку и во останатите области од витално значање. Без владеење на правото, доверба во институциите и нивно непристрасно и професионално функционирање нема  подобрување на бизнис климата.

Јас сум свесен сум дека оваа фраза ја повторуваме со години, и дека на бизнис заедницата и на граѓаните им е доста од чекање. Но, навистина верувам дека после сите искушенија низ кои поминавме последниве години, конечно е креирана позитивна атмосфера и постои политичка волја кај клучните фактори и во власта и кај опозицијата да се истрае во намерите и развојот на економијата да стане наш апсолутен приоритет“, рече Пендаровски.

Тој оцени дека годинешниот самит има навистина богата програма со извонредни говорници, панел дискусии на актуелни теми, грижливо одбрани тематски сесии.

„Се радувам што во фокусот е и животната средина, односно  загадувањето на воздухот со акцент на иновациите и нивното влијание врз подобрување на условите за живот. Пред неколку дена ја имав честа да ја отворам и 17. Еконова каде што се уверив во значењето и потребата од пронајдоци и изуми кои ќе помогнат во спречувањето и справувањето со загадувањето“, додаде претседателот.

Според Пендаровски, со оглед на потенцијалот кој го имаме во ИТ секторот, ова е гранка на која треба посебно да се посветиме – да ги едуцираме младите уште од мала возраст да кодираат, но и да го поддржиме ИТ секторот во целина, со цел, да даде далеку поголем придонес кон вкупниот економски развој на земјата.

„Треба да разбереме дека оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите луѓе кои мораат, повторувам, едноставно морааат,  првата шанса за успех и просперитет да ја добијат тука, дома“, додаде тој.

Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Што пишува во биографијата на старо-новиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски

Редакција

Од денеска посебен сообраќаен режим кај наплатната станица Желино

Редакција

Кој е Томе Блажевски, претседателот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, кој се отвори во Охрид

Редакција