еМагазин
Image default
Македонија

Пендаровски: Немам никакво разбирање на барањето за референдум, станува збор за манипулација

Немам никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, станува збор за манипулација која Христијан Мицкоски ја прави прилично неочекувано, изјави синоќа претседателот Стево Пендаровски.

Зборувајќи во интервју на телевизија Канал 5 дали е за референдум за францускиот предлог, Пендаровски рече дека тоа што Мицкоски го прави е политичка мобилизација на своето членство.

– Се мачат да направат формулација, точка 4, алинеја 5 ќе ја оспоруваме од рамката. Знаете што е тоа? Тоа е Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Не може да влезеш во ниту во Европа, ниту во НАТО, ако немаш договори со комшиите. Јас велам, повелете прашајте, но фер е да кажете дека сте против. Само едно прашање за мене е релевантно, дали сакате РС Македонија да биде членка на ЕУ, толку, изјави Пендаровски.

Тврдам, рече Пендаровски, дека на вака чисто прашање, про-европската коалиција ќе ја победи анти-европската коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

– Ако не биде така. Сите ние што сме сега на ова место ќе се повлечеме и ќе речеме повелете терајте, имате многу широки опции, имате движење на неврзаните, имате Азија, имате Русија…, рече Пендаровски.

Прашан зошто се брзало со прифаќањето на францускиот предлог, Пендаровски рече дека во својот дел, ја признава вината во, како што рече, лошото менаџирање на очекувањата во јавноста.

– Медијаторите од Брисел и Париз рекоа додека не е договорено се, се смета дека ништо не е договорено, и не треба ништо од тоа да оди во јавноста. За жал, ние тоа го почитувавме, но нашите другари, колеги и пријатели од Софија не го почитуваа, изјави Пендаровски.

Според него, штетата со шпекулациите во јавноста веќе била направена и можеле уште шест месеци да ја објаснуваат, но, како што рече, веќе добар дел од народот бил изманипулиран.

– Доцна го објавивме протоколот, доцна го објавивме предлогот. Меѓутоа, сега откако е објавен го има на интернет. Велам, кажете каде пишува ние само како Бугари ќе влеземе во ЕУ. Покажете ми, каде пишува… нигде, изјави Пендаровски.

Реално ситуацијата, посочи Пендаровски, е дека од првичните барања на Бугарија и првичната бугарска декларација, нема неколку од нивните клучни барања.

– Прво до 44 година да пишеме во учебници и секаде дека ние сме биле Бугари. Тоа го нема во рамката. Второ, македонскиот јазик бил до 44 година дијалект на бугарскиот јазик. Тоа го нема во рамката. Од 41 до 44 година биле „администратори“, а не „окупартори“, и тоа го нема во рамката. Точка 12 од Договорот вели еднаш годишно владите се собираат и велат да видиме до кај сме сега и што сме постигнале, изјави Пендаровски.

Ние, нагласи Пендаровски, очекуваме разумно однесување од другата страна, но и дека повторно може да има неразумни барања.

– Гаранции има дека европската рамка не содржи понижувачки ставови за македонскиот народ. Мислам дека сме на јасно и на хартија пишува дека рамката не е понижувачка за македонскиот народ, изјави Пендаровски.

Комисијата за историски прашања, Пендаровски рече дека работи веќе три години од 2019 и покажале дека таму се луѓе со интегритет и дека сите се експерти.

– И со ова што досега го договорија историчарите ние почнавме преговори. Значи некакво движење имаме. Како ќе биде понатаму, јас имам апсолутна доверба во луѓето од Драги Георгиев, до последниот член на Комисијата, рече Пендаровски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски: Консултациите за референдумското прашање одат кон она што го кажа Пендаровски

МИА/Фото: Кабинет на претседател

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бугарија се однесува кон Македонија како Русија кон Украина, кажа Ковачевски на Самитот на Советот на Европа

Редакција

Убава вест: Оздравени 275 болни од Ковид-19

Редакција

Нападнатиот во М-НАВ бил приведен на Блаце, пуштен е откако дал исказ

Редакција