Платформата за родова еднаквост денес одржа прес-конференција на која упати барања до Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители за конечно разрешување на случајот Јавна соба и доследно пружање на заштита на жените жртви на родово-засновано насилство.
Од Платформата бараат Обвинителството и Советот итно да испорачаат конкретни резултати по нивните барања со рок до 8 Март, кои ќе покажат дека конечно овие институции преземаат мерки.
Од Платфомата за родова еднаквост изјавија дека ниту една мерка за спречување и заштита од насилство нема да го има посакуваниот ефект, доколку сторителите избегнуваат кривична одговорност за делото.
Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост изјави дека на ваков начин, се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми.
„Иако „Јавна соба“ е случај кој го привлече вниманието на целата јавност, сепак, после една година случајот сѐ уште нема завршница, а сторителите се гонат само за кривичното дело „производство и дистрибуција на детска порнографија,“ додаде таа.
Искуствата на жените на кои со години им обезбедуваме бесплатна правна помош и други услуги, сведочат за бројни пропусти во водењето на постапките.
Од страна на обвинителствата има ненавремено покренување на обвинителни акти, неефикасно или без должно внимание раководење со предистражни и истражни постапки што резултирало со ненавремено или воопшто необезбедување на релевантни докази, како и непреземање на мерки кон сторителот за да се спречи продолжување на насилството кон жртвите.
За овие состојби здруженијата побараа одговорност и од Советот на јавни обвинители кој според нив недоволно ги користи своите надлежности за контрола над работата на јавните обвинители кои непрофесионално и ненавремено ја извршуваат својата функција во однос на кривичните постапки за родово-засновано насилство.
Здруженијата побараа и поголема ефикасност и посветеност и од страна на специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања, бидејќи низ годините, се сретнале и со полициски службеници кои самите се сторители на насилство.
„Од Вас очекуваме да преземете мерки во надлежност на Обвинителството и Советот за да обезбедите ефикасна заштита на животот и здравјето на жените жртви на насилство преку навремено, ефикасно, внимателно и сеопфатно спроведување на кривични постапки против сторителите, притоа имајќи предвид дека насилството врз жената не е личен и приватен проблем, туку Ваша одговорност.
Ние повеќе не прифаќаме изговори или префрлување на одговорноста на другите институции, тука бараме резултати од обвинителството – веднаш!“, изјави Коцевска.
Фото: Photo by Christian Wiediger on Unsplash