Градежните машини почнаа со расчистување на теренот, каде што ќе се гради првиот Сити мол во Штип.
На површина од 11.000 метри квадратни се проектирани трговски центар и хотелски комплекс.
Трговскиот центар е на четири ката со површина од 7.500 метри квадратни.
Сопственикот, Горан Јордев, кој е и косопственик на фирмата „Дик Фагус“, вели дека изградбата на терен почнува и официјално од денеска, а се гради на локацијата кај стариот Градски базен или сега во непосредна близина на новиот Аква парк.
-За градот Штип ова ќе значи капитален објект, во којшто купувачите ќе можат да најдат се на едно место. Штип Сити Мол ќе има забавни содржини. Во моментов сме во преговори со сите странски брендови, кои веќе се присутни на нашиот домашен пазар, а стартуваме преговори и со странски брендови, кои сега сакаат да бидат присутни на македонскиот пазар, вели Ордев.
Штип Сити Мол се очекува да стартува со работа кон крајот на 2022 година со цел, како што рече Ордев, да се фати и сезоната есен-зима.
-Со оглед на тоа дека во целиот овој регион Штип, Кочани, Пробиштип, Виница, па и Радовиш и Струмица немаат ваков ултра модерен мол се одлучивме да направиме еден ваков чекор, за да овозможиме поголем број на брендовите да бидат поблиску достапни до нашите сограѓани, вели Ордев.
Во услови на пандемија, ова е храбра инвестиција на штипски инвеститор. Штип Сити Мол со новиот Аква Парк, кој исто така е приватна инвестиција ќе ги дели сама една улица, а Општина Штип изминатиот период на инвеститорите им обезбеди нова водоводна и канализациска мрежа.
МИА/Фото: Општина Штип