еМагазин
Image default
Македонија

Поделени ставови во расправата за нацрт-концепцијата за основно образование

Со критики и поддршка доцна попладнево во Собранието се одржа јавната расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование.

Професор д-р Петар Атанасовски во своето обраќање запраша каков е тој концепт за кој образовни институции и соодветни факултети се изјаснуваат негативно.

„Тоа е поразувачки. Многу здруженија на професори од различни науки и дисциплини не дадоа поддршка за ова, напротив со вашите предлози ја вознемирувате образовната база. Најавата за големи промени не ги радуваат учесниците во образовниот процес. Искуството покажа дека големите промени ни прават голема штета.

Во овој момент во јавноста предизвикувате конфузија, се однесувате арогантно особено со средношколците и не успевате да возвратите на критиките, избетнувате медиуми, не сакате да дебатирате со стручната јавност“, нагласи Атанасовски.

Тој предлага понудената концепција за основното образование поради, како што рече, многубројните негативни реакции на стручната јавност пред се да се повлече од страна на МОН, а во која друга следна, според него, мора да учествуваат многу поголем круг на експерти.

Според проф. д-р Митко Панов, со овие промени ништо не се менува, само се прави маска.

„Без оглед што на предметот општествени науки кој и без тоа беше дефиниран како провизорен од самите автори, ништо не се менува и натаму предметот историја е инкорпориран освен што добива име на истиот предмет со тоа што општествени науки сега станува историја и општество, но не видовме дали тоа претпрува некакви рефлексии во контекс на промената на самиот концепт на предметот.

Интегративноста колку што разбравме останува. Повторно го имаме тој минизимизирачки однос кон историјата“, смета Панов.

Проф. д-р Никола Минов ја повика министерката Мила Царовска и креаторите на оваа концепција, како што рече, да ги послушаат попаметните луѓе во државава и во Европа, дека историјата треба да остане самостоен предмет.

За проф. д-р Мирјана Најчевска, оваа промена во образованието требала да се случи уште пред 30 години.

„Гледам добра основа во понудената концепција, не велам дека е совршена, но оваа и ваква концепција е токму она што ни е потребно во моментот. Во концепцијата ја гледам Конвенцијата на правата на детето и тоа е секогаш солидна основа за развивање на промената“, рече Најчевска, додавајќи дека концепцијата е сложена и само паметни луѓе можат да ја разберат.

Професорот Кирил Барбареев праша уште колку години треба да зборуваме, анализираме, истражуваме и констатираме дека имаме слаб образовен систем, но дека сега не е време за негова реформа.

„Мојата визија е основното образование да биде основа на вредности и да го засакаш учењето, науката, татковината, да создаваме генерации кои кога ќе отидат на натпревар по физика и математика во Франција да се вратат со награди, таму да ја слушнат македонската химна.

Кога ќе отидат на натпревар по историја во Белград, Софија и Атина да се вратат со најдобри резултати, да бидат подобри од соседите во знаење. Тоа е тој културен натпревар помеѓу народите.

Оваа држава секогаш имала добри учители. Првите одлуки на АСНОМ се отворање на учителските школи. Тој ентузијазам, таа енергија која била во тие години сме ја загубиле ние некаде во овие 30 години. Враќањето на статусот и реномето на наставничката професија не е само поврзана со зголемување на плата“, нагласи Барбареев.

Споменка Лазаревска од Фондацијата Институт Отворено општество даде поддршка за оваа концепција, заради тоа што, како што рече, нуди современ пристап на настава фокусиран на компетенциите кои секој ученик треба да ги стекне до завршување на основното образование.

„Концепцијата предлага флексибилна настава, обезбедува избор и на учениците да ги продлабочат стекнатите знаења, но и да усвојат и нови. За првпат се дава можност училиштатта сами да дефинираат изборни предмети како одговор на интересот на нивните ученици.

Наставниците ќе имаат многу поголема слобода, во планирање на наставата, во динамиката. Тие ќе имаат поголем избор во методите и формите на работа, како и користење на различни наставни материјали“, посочи Лазаревска, додавајќи дека ја поздравуваат одлуката за постепено започнување со имплементацијата.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денеска треба да биде објавена новата пресуда за Мијалков и Тачи за „Титаник 2“

Редакција

Собранието го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација

Редакција

Поради кризната состојба: Во Дебар „заглавени“ стотина жители од други градови

Редакција