АД ЕСМ понуди пониска цена, од 48 евра за мегаватчас, затоа што со ваква цена ќе има само благо покачување на крајната цена за граѓаните. ЕСМ учествува со околу 32% во цената за крајните потрошувачи.
„Цената што ја понудивме е резултат на зголемениот ангажман на вработените, кои со натчовечки напори и деноноќно ангажирање обезбедуваат електрична енергија за граѓаните и фирмите во овие исклучително тешки услови, особено кога има недостаток на мазут и природен гас во Јужна Европа.
Резултат е и на оптимизирање на производството, зголемување на производството и намалување на зависноста од набавка на електрична енергија, навремено и квалитетно менаџирање на состојбите, намалување на непродуктивните трошоци, намалување на вкупните трошоци за 15% и во првите 5 месеци од годината заштедени се речиси 50 милиони евра. Така ќе се продолжи и во втората половина од годината.
Во услови кога цените се драстично зголемени и има недостиг на енергенси, правиме натчовечки напори да се обезбедат дволни количини на јаглен и да се зголеми ископот за зголемено производство на електрична енергија во РЕК Битола и РЕК Осломеј, додека хидропоренцијалот, поради неповолната хидрологија, се чува за балансирање и системски услови, заради стабилно снабдување.
Не е коректно, во услови на енергетска и воена криза во Европа, т.н. експери да внесуваат немир и дезинформации кај граѓаните со неодговорни настапи во јавноста,“ велат од ЕСМ.