Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, во текот на попладневните и вечерните часови, како и за време на ноќта, ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, информираат од Управата на хидрометеоролошки работи.
На поедини места од државата локално се најавуваат поинтензивни поројни врнежи од дожд, при што нема опасност од излевање на поголемите реки во земјата.
– Доколку на одредени места врнежите бидат поинтензивни и паднат за кратко време и ако бидат во форма на невреме придружувани со силен ветер, можна е појава на слевање на вода во градските урбани средини поради неможноста за одведување на водата.
Исто така, при краткотрајни интензивни врнежи можно е локално брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците, нагласуваат од УХМР.
При такви околности, од УХМР предупредуваат на внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците низ земјава.