еМагазин
Image default
Македонија

Детален преглед: Повеќето пожари локализирани и под контрола, се уште активен кај Будинарци

Поголем дел од пожарите во земјава се локализирани и се ставени под контрола. Се уште е активен пожарот во атарот на беровското село Будинарци, кој е делумно под контрола, а од Општина Сарај бараат армиско летало во помош за гасење на пожарот над село Раовиќ.

Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот кој започна на 2 август кај местото викано Бeјаз Тепе, се уште е активен во атарот на село Будинарци во Општина Берово. На терен се присутни противпожарните екипата од Словенија и од Австрија. Пожарот делумно е ставен под контрола, а екипите работат на негово целосно локализирање каде гори високостеблеста борова шума, смрека, стрништа и сува трева.

Во Општина Делчево за пожарот кој започна на 2 август во атарот на село Нов Истевник маало Пасјак, последната состојба од теренот е дека пожарите на подрачјето на делчевска општина се локализирани и се ставени под контрола. Екипите што беа ангажирани во гаснењето на пожарот се повлечени. На терен се останати само вработените од Шумско стопанство „Голак“ од Делчево кои дежураат. Во резерва во село Тработивиште се лоцирани припадници на Армијата ако има потреба да интервенираат.

Во Општина Штип, како што се посочува, пожарот кој е во атарот на селата Драгоево и Селце сe уште е активен, но е ставен под контрола. Екипите во моментот се повлечени, но во договор со директорот на ШС „Серта“ и градоначалникот, на теренот е оставена цистерна со вода и луѓе од месното население. Екипи на ШС и ТППЕ од Штип на денеска во 06:00 часот повторно излегоа на терен.

Од ловиштето „Јасен“ известуваат дека има 24-часовно дежурство на делот на планината кон ловиштето. Во моментов пожарот е смирен и нема опасност за да се прошири кон ловиштето. Се гледа чад од страна на село Раовиќ каде гори мешана шума и е на доста непристапен терен.

Од Општина Сарај информираат дека во тој дел се уште чади и пожарот е активен. Бидејќи теренот е непристапен, нема можност за гасење од терен. Од Општината исто така известуваат дека доставиле барање за интервенција на армиско летало во помош за гасење на пожарот. Од ШС „Караџица“ известуваат дека пожарот над село Раовиќ се дели на два крака, едниот е насочен кон Матка, додека другиот оди далеку над селото Раовиќ, на многу непристапен терен, каде од утринските часови на терен се екипи од Армијата, ДЗС и локалното население. Се планира гасење од воздух.

Во Општина Петровец пожарот кај село Дивље е под контрола и нема опасност за селото и населението. По дејствувањето на пожарникарите од БППЗ на град Скопје, ШС „Караџица“, како и локалното население, пожарот е насочен накај Средно Коњаре. Се очекува денеска во претпладневите часови на гасење на пожарот да излезат 10 лица од ШС „Караџица“, како и 20 припадници на Армијата за да го локализираат и стават под контрола.

Во Општина Прилеп пожарот во атарот на Ракле, Никодин и Топлица е приземјен, но не е завршен. Позади село Топлица кон село Крстец има чад, но намалува со интензитетот по досегашните дејствувања со воздушната поддршка. Екипа на ЈП „Македонски Шуми – Црн Бор“ – Прилеп со седум работници е на терен, како и тројца војници на Армијата.

Пожарот во село Војница во Општина Чашка зафатил нискостеблеста шума и смрека. На терен се ТППЕ од Велес со две возила и шест пожарникари, комуналното претпријатие „Чашка“ со едно возило и пет лица, шумското стопанство „Велес“ со две возила со 10 лица и тројца полицајци од Чашка. Пожарот се уште не е изгаснат, но е ставен под контрола.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Судење за „Плацеви на Водно“: Мијалков вели дека е апсолутно невин, Камчев не разбира зошто е обвинет

Редакција

Нови 175 случаи на Ковид-19 од 1.733 тестирања, во Скопје 90

Редакција

Јовески: И Јанева и Стефанова ќе бидат повикани за „Рекет“

Редакција